Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

08.04.2017, 08:01

ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ НОВ ЗАКОН ЗА МЕДИЦИНСКА УПОТРЕБА НА КОНОПОТ

Канабисот остана лек за богатите

Нов закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабисот бараат невладините организации. Законските решенија што беа донесени лани во февруари и легално достапните форми на масло од канабис, според нив, не ги задоволуваат потребите за лекување различни болести. Здравствените власти велат дека се отворени за промени и за дебати и додаваат дека со зголемување на бројот на фирмите што ќе произведуваат масло од марихуана, ќе се зголеми конкуренцијата, ќе има повеќе видови масла и ќе падне цената.

"Долгонајавуваната легализација на марихуаната за медицински цели во Македонија не ги исполни очекуваните цели. Легално достапните форми на коноп сe уште не се достапни за голем број пациенти, бидејќи цените се превисоки, а, од друга страна, самата концентрација на канабиноидите во маслата што ги има на пазарот е прениска за третман на одредени болести", стои во истражувањето на невладината "ХОПС - Опции за здрав живот", спроведено во рамките на проектот "Граѓаните во Собранието: законодавни иницијативи за човекови права", финансиран од ЕУ.
Легализацијата на марихуаната за медицински цели се случи лани во февруари, со измени на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции. Со тоа, Македонија стана 14-тата држава во Европа и трета во регионот која дозволи употреба на канабисот за лекување.
Првото масло од канабис во аптеките се појави лани во јуни, кое пациентите можеа да го купат без рецепт и се продава по цена од околу 3 000 денари. Во септември, во аптеките беше дистрибуирано и масло од канабис со повисоки концентрации на канабиноидите ТХЦ И ЦБД, кое луѓето може да го купат по цена од 5 000 до 9 000 денари, но само ако претходно имаат лекарски рецепт од одреден специјалист. Трошокот за набавка на маслото од марихуана, без оглед дали се издава на рецепт или без рецепт, пациентот целосно го покрива, односно овој лек не е на товар на Фондот за здравствено осигурување.
"Интервјуираните пациенти тврдат дека легалните патишта за набавка на маслото од коноп се надвор од можностите на оние на кои им е потребно тоа. Според нив, формите од маслото што се во продажба, немаат соодветни концентрации на канабиноиди. Така, маслото што содржи 30 проценти од канабиноидот ЦБД и еден процент ТХЦ и е делотворно за епилепсија, сe уште не се произведува и продава во Македонија. Тие велат дека цената на маслото што е достапно во аптеките е неколкукратно повисока од она што може да се најде на црниот пазар. Мајка на дете со епилепсија го илустрира ова тврдење од сопственото искуство и вели дека подготовката на масло од 5 милилитри со соодветна концентрација на канабиноиди, кое е доволно за шестмесечна терапија, ја чини околу 1 000 денари. Затоа македонските пациенти и натаму го набавуваат лекот по нелегални канали или од некоја од соседните држави, свесни дека со тоа го кршат законот", стои во истражувањето на ХОПС.
Марија Дарковска-Серафимовска, директор на Агенцијата за лекови, вели дека засега цените на маслата од канабис што се во продажба, се такви какви што се затоа што сe уште е почеток, но дека се надеваат дека со влез на други компании што ќе произведуваат и ќе продаваат вакви препарати, ќе се намали нивната цена. Таа објаснува дека концентрацијата на ТХЦ во маслата варира според намената, односно во зависност од тоа дали маслото е за третман на канцер, мултиплекс склероза, за подобрување на апетитот кај ХИВ-лицата или за третман на епилепсија.

"Концентрацијата на ТХЦ во овие препарати е согласно со укажувањата на лекарите, а врз база на позитивните искуства од употребата на овие препарати. Нашиот закон, во поглед на содржината на ТХЦ во овие препарати, не е ограничувачки. По барање на лекарите, на пазарот се појавија уште две нови формулации, едната за третман на пациенти со канцер, која има четири пати поголема концентрација на ТХЦ во однос на првите форми што се најдоа на пазарот, и тие се користат за третман на пациенти со мултиплекс склероза", вели Дарковска-Серафимовска.
Според граѓанските организации, проблематично е и тоа што маслото од канабис може да го препишат само одреден број специјалисти, и тоа само специјалисти од јавното здравство. Со сегашното законско решение, може да го добијат само пациентите со канцерогени заболувања, мултиплекс склероза, лицата со ХИВ и за тешки епилептични синдроми кај децата.
"Според сегашните законски одредби, масло од коноп може да препишат само онколози, невролози и инфектолози вработени во јавни здравствени установи, и само врз основа на потпишана согласност од самите пациенти. Сметаме дека тоа не е во ред, бидејќи за ниеден друг лек пациентот не потпишува согласност за да го прима, а меѓу нив има и многу поопасни и потоксични лекови. Ограничувањето маслото да го препишува само специјалист од државните болници, а не и специјалист од приватните, на пациентите им го ограничува уставно загарантираното право на избор на лекар", велат од ХОПС.
Легализацијата за употреба во медицински цели, според невладиниот сектор, направила од канабисот најопасна дрога, а дополнително се криминализира и поседувањето коноп за лични цели. За разлика од Македонија, во Израел, Канада и во Шпанија, пациентите што имаат потреба од лек од коноп, може и сами да го одгледуваат.
"Од една страна, во самото законско решение стои дека канабисот е еден од најбезбедните лекови што постојат денес, а, од друга страна, самите одредби на законот го третираат канабисот како најопасен лек. Според овие законски решенија, одгледувањето канабис и произведувањето масло што ќе се користи за лекување, може да ги прават само овластени правни лица и притоа треба да обезбедат простор што ќе биде атмосферски заштитен, со ограда од четири метри, обиколена со три реда бодликава жица. На просторот каде што ќе се одгледува марихуана, се бара постојано физичко и видеообезбедување. Со овие услови се фаворизираат финансиски моќните компании, но не и физички лица. Од друга страна, пак, афионот, од кој се произведува опиум, може да го произведуваат и правни и физички лица. За сеење афион, исто така треба да се обезбеди дозвола, но критериумите за нејзино добивање не се толку строги", стои во истражувањето на ХОПС.
Лани, единствено фармацевтската компанија "Реплек" доби дозвола за производство на екстракти од канабис. Дарковска-Серафимовска вели дека, во меѓувреме, дале дозвола и на кочанската "Агроцентар" за производство на екстракти од канабис.
"Освен за производство на екстракти од канабис, издадовме и една дозвола за одгледување канабис, односно на фирмата 'НЈСК Холдинг' од Скопје. Во моментов, има пет нови барања за добивање одобрение за одгледување канабис. Очекуваме во текот на наредната недела комисијата да излезе на увид за да констатира дали ги исполнуваат условите согласно со закон", вели Дарковска-Серафимовска.
Таа објаснува дека со законските измени, идејата била да се легализира употребата на канабисот, но само за медицински цели.
"Идејата беше да се спречи злоупотреба на канабисот, а во исто време да им се овозможи на сите оние што имаат потреба од овие препрати, да добијат соодветен производ со контролирани и проверени состав и квалитет. Ние сме пионери во оваа област. Простор за промени секогаш има и искуството ќе ни покаже каде и во кој обем. Од досегашното наше искуство, компаниите што аплицираа за добивање одобрение за одгледување канабис и за добивање одобрение за производство на екстракти од канабис, не се соочуваат со тешкотии во однос на она што е пропишано во законот", вели Дарковска-Серафимовска.

Маслото од марихуана најмногу се препишува за карцином

Наспроти тврдењата на граѓанските организации и на пациентите дека цените на маслата од канабис што легално се продаваат во аптеките во земјава се превисоки и дека овој лек е недостапен за нив, од Агенцијата за лекови велат дека има голема побарувачка за нив. Марија Дарковска-Серафимовска, директор на Агенцијата за лекови, вели дека од јуни досега, од маслото што се продава без лекарски рецепт, продадени се околу 10 000 шишенца, односно дека се продадени околу 6 000 шишенца од маслото со концентрација на канабиноидот ЦБД од 7 проценти, околу 3 000 шишенца од маслото со концентрација на ЦБД од 5 проценти и околу 1 300 шишенца од маслото што содржи 10 проценти ЦБД.
"Постои голем интерес кај пациентите за овие препарати. Според нашите информации, најмногу се препишува маслото за третман на канцер, а потоа следуваат останатите масла за третман на мултиплекс склероза и на епилепсија. Најмалку се препишува маслото за подобрување на апетитот кај ХИВ-лицата. Од податоците што ги имаме ние, масло од марихуана досега е препишано на 350 до 400 пациенти", вели Дарковска-Серафимовска.


Текстот е прочитан 2371 пати.
#
Министерот Нухиу најави оставка, бара одговорност и од други функционери во МВР
ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
Груевски: Насилството не е решение, насилниците ќе бидат изведени пред суд
За заедничка Македонија: Не оправдуваме никакво насилство, денеска им се случи народ на тие кои се обидоа да направат државен удар
Министорот Тодоров со екипите на брзата помош им помагаше на повредените
Стотина повредени на двете страни, приведени нема
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Влатко Ѓорчев ги бранеа нападнатите колеги од СДСМ
Нухиу: Навреме беше формиран оперативен штаб, но полицијата не си ја заврши работата
Иванов со апел за смирување на тензиите и лидерска средба кај него
МВР за евакуирањето на пратениците од Собранието

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter