Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

26.02.2017, 14:51

МАКЕДОНЕЦОТ ДАМЕ КРЦОСКИ, КАНДИДАТ ЗА ПРАТЕНИК ВО ЗАПАДНА АВСТРАЛИЈА

Митинзите не носат гласови

Даме Крцоски (36), кој живее и работи во Перт, е единствениот Македонец кој на претстојните парламентарни избори се кандидира за пратеник на Западна Австралија. Тој е член на Либералната партија, која $ припаѓа на десницата, конзервативна демохристијанска партија. Либералната партија е на власт на федерално ниво во Австралија од 2013 година, а, исто така, е на власт на државно ниво во Западна Австралија од 2008 година. Даме е роден во Струга, а потеклото му е од Мешеишта, Охридско.

Кога имал шест години, се преселил со семејството во Австралија. Основно училиште завршил во Мелбурн. Кога имал 13 години, се вратиле во Македонија, а по две години повторно се вратиле во Австралија, поточно во Перт, каде што живеат и денес. Даме вели дека парламентарните избори ќе се одржат на 11 март. Изборната кампања официјално е почната на први февруари, но тој е активен на терен со месеци претходно.

Опишете ми ја Вашата кампања, како се води кампања за избори во Австралија, се прават ли митинзи како кај нас?

- Масовни митинзи за време на кампања, како што се прави во Македонија, воопшто не може да забележите. Како политичар или кандидат, народот повеќе сака да ги види на терен, дали се дружат со локалното население, дали ги посетуваат локалните бизниси за да ги слушнат предлозите на бизнисмените. Народот следи дали одите на посета во старски домови за да ги слушнете маките на пензионерите или дали ги посетувате локалните спортски клубови за да дискутирате како може повеќе да се поттикне младината да води здрав живот преку спортување. Народот во Австралија поддржува кандидати кои одат од куќа во куќа и лично се запознаваат со гласачите. Гласачите го ценат тоа, па потоа решаваат дали ќе ве поддржат врз основа на вашата платформа и она што ќе го забележат на терен. Држењето говори пред микрофон не носи многу гласови тука.

Што се зборува за време на кампања, се ветуваат ли невозможни нешта, како во Македонија, само за да се добие глас повеќе?

- Во однос на ветувањата, има многу сличности, но кога ќе ветите нешто, за некој да ви поверува, мора да имате доказ од каде ќе ги најдете тие финансиски средства за вашето ветување за да видат гласачите дали може да се исполни тоа или не. На пример, не можете да ветите покачување на минималната плата без притоа да докажете од каде ќе се финансира тоа покачување. 

А од каде се финансираат кампањите?

- Кампањите се финансираат претежно од донации, но за сето тоа постои транспарентна процедура, која мора да се следи. Секој кандидат е задолжен сам да си обезбеди финансиски средства за својата кампања, помошта од партијата е минимална. 

Како се гласа, задолжително ли е гласањето или не?

- Гласањето е исто како во Македонија, но не се гласа само во кутии, има и други опции. Како прво, Австралија е една од, мислам, само три земји во светот каде што гласањето е задолжително. Исто така, со Македонија се разликува по тоа што овде изминативе години е дозволено да се гласа три недели пред денот на изборите. Се разбира дека сите оние што сакаат да гласаат пред денот на изборите, не може да го остварат тоа во своето локално гласачко место, односно мора да патуваат 5 или 10 километри подалеку, во посебни простории обезбедени од изборната комисија за таа пригода. Но, сепак, еден интересен податок е што пред извесно време беше обелоденето и тоа дека дури 30% од гласачите го искористуваат правото на глас пред денот на изборите. Уште една популарна опција е поштенското гласање, кое го користат граѓани кои нема да бидат во државата во оние три недели пред избори или се физички хендикепирани за да стигнат до избирачкото место. Најнова опција што се спроведува на овие избори, е тоа што се овозможува опцијата за електронско гласање преку Интернет, да не се малтретираш да одиш некаде, туку да си гласаш од дома. Но таа опција е ограничена за луѓето со посебни потреби.

Што очекувате од Македонците, дали ќе Ве поддржат и дали тие гласови се доволни, со оглед на тоа што е голема Македонската заедница?

- Јас сум кандидат на Либералната партија за изборната единица Гиравин, која го доби името од најголемата населба од вкупно пет населби што го сочинуваат тој електорат. Од околу 25 000 граѓани со право на глас во мојата изборна единица, 1 200 - 1 500 се Македонци. Некаде помеѓу 4,5-6% се Македонци, од кои повеќето се гласачи на Лабуристичката партија. Гиравин со децении наназад избира пратеници од Лабуристичката партија, која е социјалдемократска, односно левоориентирана партија. На изминатите избори, во 2013 година, Либералната партија загуби за само 1 000 гласови разлика во оваа изборна единица. Но рејтинзите често варираат. Либералната партија е на власт девет години и без разлика колку добро работи, има едно непишано правило дека кога си на власт во Австралија, рејтингот ти опаѓа. Поради тоа, не можам да потврдам дали гласовите на Македонците ќе бидат пресудни, но сигурен сум дека ќе играат клучна улога доколку резултатот е тесен. Не сум фаворит, таа улога $ ја препуштам на пратеничката од Лабуристичката партија, која 16 години го претставува Гиравин во Парламентот на Западна Австралија во Перт. Но она што мене ми влева надеж е тоа што повеќето Македонци кои лично ми се обраќаат, ми признаваат дека се поддржувачи на друга партија, но дека, сепак, ќе гласаат за мене. Тоа е така бидејќи Македонците во Перт ме познаваат и знаат колкаво значење би имало за Македонската заедница (и држава) доколку Македонец стане пратеник.

Како планирате да ги придобиете гласовите од другите заедници?

- Со многу напорна работа на терен. Јас одам од врата на врата и лично се запознавам со населението. Доколку сe оди според планот, верувам дека до денот на изборите ќе успеам да тропнам на една третина од оние 13 500 домови во мојата изборна единица. Покрај ова, јас ја познавам демографската структура на населението, бидејќи соработував со лидери од различни етнички заедници кога работев за федералниот пратеник Лук Симпкинс. Неговиот федерален електорат Кован го опфаќаше целиот државен електорат Гиравин. Како поранешен советник на пратеник, јас веќе имам искуство, во период од над три години комуницирав со неколку илјади граѓани на овие простори, каде што сега сум кандидат.

Колку имате поддршка од семејството?

- Секако дека имам. Мојата сопруга Ивона е родена во Кичево, но кога имала четири години, се преселиле во Австралија. Заедно сме од тинејџерските години. Свадба направивме во Охрид, во 2009 година и имаме две мали деца - Лео, кој има четири и пол години, и Александра, која има само две години.

Што работите и што сте по професија? Колку политичко искуство имате?

- Имам завршено факултет по политички науки и историја. Моментално работам во 103.3 Мак ФМ радио во Перт, македонска радиостаница, чиј сопственик сум, заедно со моите двајца пријатели и бизнис-партнери Наум и Љупчо. Повеќе од три години работев како советник на федералниот пратеник од Либералната партија, господинот Лук Симпкинс. Претежно работев во неговиот кабинет во Перт, но, исто така, минав одреден период и во Федералниот парламент во Канбера. Но, за жал, на федералните избори во јули минатата година, Симпкинс неочекувано го загуби своето пратеничко место со минимална разлика. Политичкото искуство што го стекнав како вработен во кабинетот на Лук Симпкинс, ми даде поттик и самиот да се обидам да навлезам во политичките води.

Весна Миленковска


Текстот е прочитан 1608 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

58-ми ден протести за иднината на Македонија (Фотогалерија)
ИЗЛОГ
Брод
Пишува Лејла САБИТ - Има најубав поглед на свет......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter