Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

04.02.2017, 07:51

„Вест“ зад кулисите на еден од најсовремените театри во Европа, МНТ - Невидливата армија на глумецот

Дали некогаш сте посакале, за време на театарска претстава бината да е проѕирна, па да видите што има под неа? Или, пак, што има зад актерите, кој ја спушта завесата, кој ја пушта музиката, кој го мести рефлекторот?

За да ја задоволиме љубопитноста на театарските сладокусци, но пред сè, и нашата, новинарската, "Вест" ве носи на прошетка низ сцената, гардеробите, ходниците, подрумите, на таванот на Македонскиот народен театар.

Не сакаме да ја разголиме театарската магија туку уште повеќе да ја доближиме до јавноста убавината и сложеноста на оваа уметност на мигот, кои секогаш, на секоја изведба се различни, креирани само тогаш за таа публика во салонот.
Не ги гледаме, а без волшепството на претставата нема да е целосно.
Инспициентот, суфлерот, реквизитерите, шминкерите, гардероберите, како и мајсторите за светло, тон, целиот технички персонал се актери зад завесата, стратези, најверни пријатели на актерот и на претставата.

Денот во МНТ ни почна со Мила Анѓелковиќ од секторот за односи со јавност која, трпеливо и со многу љубов, нè носеше од еден сектор до друг, кај нашите соговорници, за да ни ги откријат големите и мали тајни на нивните професии зад кулисите.
Инспициентот е и асистент на режисерот, и во негови раце останува животот на претставата откако режисерот ќе замине. Овде Вукица Александрова задоволно вели дека ја работи најубавата професија, иако, како што вели, е стресна и бара огромна концентрација, но секој ден $ е различен. Инспициентот ги координира сите служби, од периодот на пробите до премиерата, и потоа. Работното место е на сцената, зад завесата, преку монитор следи што се случува на сцена, а преку микрофон е во координација со останата екипа околу тоа кога да се мести декорот, да се дигне или да се спушти завесата, да се пуштат звук и светло. Да го повика актерот што е следен за на сцена.

"Како што течат пробите, јас во книга ги забележувам сите дејства и промени. Книгата е полна чкртки, но јас си ги разбирам (се смее), тоа не се работи напамет. Од моето искуство, се покажува дека не е грешка ако актерот излезе прерано, бидејќи ќе осети и ќе се снајде на сцена, туку проблем настанува ако се појави подоцна, а веќе течат сцената и дејството.

Најстресно ни е кога треба да внимаваме кога се подигнуваат и спуштаат модулите на сцената, тоа се делови на самата сцена кои можат од рамен под, да се програмираат и да се движат во најразлични насоки и височини (н.за.). Тогаш, заедно со колегите се координираме и чекаме, па макар и да се задоцни малку, актерот да застане на безбедно место и да го придвижиме модулот", објаснува Александрова.

Таа додава оти нејзина обврска е и да води ред за дисциплината, да не се замуабетат меѓу себе или да се занесат во гардеробите.
"Во театар сме по цел ден и ноќ, но целата работа е многу забавна, актерите ни даваат сила, енергија, се соживуваме со нив, ги гледаме сите нивни проблеми и стравови во градење на ликот. Ние сме тука и да ги поддржиме и да ги коригираме, нè чувствуваат како свои мајки. Ова е тимска работа, сите треба да се вложат за да изгледа перфектно, а публиката знае да оцени кога се работи со љубов, а кога не", истакна инспициентката.
Костадин Велков ни ги долови можностите на секторите за долен и горен погон на сцена. Тоа што работи долу и се движи на сцена е долен погон, а чигите, хојстовите се горен погон.

Манипулантите работат со лифтови, шини, помошни монитори, со помошни камери, една тотална ноќна камера, која регистрира движење и при тотален мрак.
Велков вели дека на претстава се во постојана комуникација со декоратерите, со инспициентот.
"Модулите имаат брзина и позиција, и сè мора да биде на вистинско место и време. За некои од технички потешките претстави многу работиме и пробуваме, и за среќа, сите се толку искусни и извежбани што немаме проблеми", потенцира Велков.

Сè уште играат пепелниците од Прличко

Просториите со реквизити и со костими ни ги отворија Лазо Миев и Фиданчо Петровски, кои повеќе од 30 години се вработени во МНТ, и во малите прсти ги имаат претставите.
Блиску до сцената е сместена една просторија во која се чуваат реквизити кои се дел од тековниот репертоар. Нè пречекаа сабји, пушки, пиштоли, чадори, бастуни, стар модел на телефон, сребрено ковчеже, шишиња, чаши, пепелници.
Чичко Лазо вели дека некои предмети како, на пример, сабјата, играат во повеќе претстави, а има и пепелници кои ги користел Петре Прличко, а некои реквизити знаат и да исчезнат, ако му е драг спомен на актерот, на пример, знае да си го однесе дома.
Порано, во стариот МНТ имале работилница - бутафорија каде што се изработувале реквизитите, а денес веќе се има во продавници и на стари пазари, и оттаму се снаоѓаат сценографите.

Нашиот соговорник нè симна и во подрумот во магацинот каде што, покрај стари свеќници, инструменти, кукли, оружје, шишиња, нè пречекаа и стаорци-кукли.

Прашавме дали има некоја анегдота од старо време за мајтапење со вакви видови реквизити, рече дека немало, но оти меѓу младите актери има големи шегаџии како, на пример, Гораст Цветковски, кој знае по некое глувче да постави во гардеробите на колегите или на сцена.

"Старите актери не правеа проблеми за реквизити, играа и ако снема нешто, додека младиве се поразгалени", открива Миев.

Во дежурната гардероба, исто така, се наредени фустани, костими, кошули, капути, чевли и шапки од тековните претстави, додека во фундусот се чува богата костимографија, стара 40 години.

Петровски и негов колега се задолжени за машката гардероба, а нивни две колешки за женската. Тие им ги носат костимите на глумците во нивните гардероби, и по претстава, ако се извалкани со шминка или со материјал како глина, ги носат на перење. МНТ има сопствена пералница со две вработени, а поспецифичните материјали се носат на хемиско перење.

Гардероберите, како што ни раскажа тој, се постојано околу сцена, да не затребаат во случај ако на актерите им се откопча копче, патент или ако напукне некој костим.
Моника Грковска ни ја претстави главната шминкерница, во која работат две шминкерки, а во некои случаи се користи помалата шмникерница.
Вели дека работат со театарска и со филмска шминка, а подготовките за претставата од 20 часот, почнуваат околу 16 часот.

Се прави распоред на актерите, и редот најчесто се почитува.
Таа ни рече дека шминката најчесто ја договараат со костимографот, но оти се почитуваат и нивните идеи и предлози, како и афинитетите и желбите на глумците.
"Има актери со почувствителна кожа, па внимаваме, некои, исто така, сакаат и сами да си ја извадат шминката, некои бараат помош од нас. За бришење на јаката шминка користиме стар трик, се натопува памучето со вода и се става вазелин", ни откри Грковска.

Светло местиме и по 8 часа за претстава

Театарското доживување, од лавиринтите низ подрумите и сцената, го продолживме на третиот кат во МНТ каде што се сместени секторите за светло, тон и за видео.
Даниела Атанасова ни ја претстави светло-кабината, од каде што, преку миксетата, се води светлото од 730 рефлектори на големата сцена за потребите на претставите, концертите, на промоциите.

Сцената се дели на предно светло, контри и на задна интербина светло, а има и два фолоу ап рефлектора, кои се користат за танцови дејства како, на пример, во мјузиклот "Чикаго".

Пред претстава, светло-мајсторите треба да се минимум два часа порано дојдени на работа заради фиксирање на светло, проверка на штимунзи и интензитетот на светилките.
На пример, за "Соларис" светлото се мести 8 часа, а за "Мајсторот и Маргарита" шест часа.
"Пред една година, за време на 'Животот на Молиер' ни се случи системска грешка, светлата од контра не функционираа, и поради тоа снемавме светло на сцена. Во договор со инспициентот и со Никола Ристановски, кому јавно му се заблагодарувам, за предното светло ги искористивме фолоу ап рефлекторите. Со добра импровизација, на крајот сè заврши перфектно", ни раскажа Атанасова.

За тонската миксета, тон-мајсторот Александар Петровски вели дека во моментов е број еден миксета во свет, нема ниту подобра ниту поголема.
Во тонската кабина има и дигитален и аналоген миксер, најсофистициран систем за симултан превод, а помала миксета има на малата сцена.

Главните субфофери се сместени во кралските ложи, има и централен под седиштата, во куполата има цел венец звучници, како и во секоја галерија.

Петровски, кој работел и на поставување на звучната инсталација за време на градењето на МНТ, потенцира дека што се однесува до микрофонскиот парк, МНТ ги поседува сите можни типови микрофони за различни намени, на пример, за озвучување на сите видови инструменти, за посебна атмосфера.

Сето она што се случува во моментот на претстава, преку паралелен разглас, глумците го следат низ цел театар, во гримиорните, ходниците, па дури и во тоалетите.

"Имаме и интерфон систем, преку кој можеме да избираме кого сакаме да слушаме и кому да се обратиме. Двата микрофона, кои се лево и десно под кралските ложи, се вперени кон сцената и ловат сè што се случува на сцена.

Најскапиот продолжен микрофон е ставен во последниот ред на партерот, тој е вперен и лови до длабочината на сцената. Тој микрофон ни користи многу нам тонците, затоа што ако оној гостин што седи во последниот ред во партерот слуша сè што се случува на сцена, значи тонот е во ред", објаснува тон - мајсторот.

МНТ располага и со најсовремена опрема во видеокабината, која ни ја образложи Давор Черепналковски.

Од кабината се работат видеопроекциите со видеопроектор на платно, како и на сценографијата или на други материја на сцената, за да се долови, во комбинација со светло, убава атмосфера.

Претставите се снимаат со широка камера, од премиера, а и другите изведби кога во нив има измени.
"Изминативе години видеото станува учесник во сите претстави, и кога доаѓаат режисери, и наши и странски, да работат кај нас, кога ќе видат со каква опрема располагаме, сакаат да ја искористат во нивните проекти", ни рече Черепналковски.

Околу прашањето дали им се случиле некакви проблеми, тој истакнува оти опремата е толку софистицирана што и не дозволува какви било тешкотии.

Претстава во која досега најмногу се искористи видеоопремата е "Сината птица" каде што во исто време работеле седум проектори, и додава тој, постигнале нешто што претходно не било направено.

Нашиот водич Мила, за крај, но не и најмалку важно, нè спроведе кај Ивана Јарчевска, која е кустос на Музејот при МНТ.
Јарчевска ни ги отвори плакарите во депото на Музејот каде што се чуваат сите предмети, фотографии, скици од претставите од 1945 година до денес, а има и костими, предмети од претстави, како и лични предмети на режисери, драматурзи.

Предметите и документите, согласно сите музејски стандарди, се категоризираат и се евидентираат во одредени збирки и подзбирки.
Меѓу значајните предмети се делот од кристалниот лустер од стариот театар и маските од старата фасада.

Билјана Нестороска
Фото: Драган Перковски


Текстот е прочитан 11124 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ФОТО ГАЛЕРИИ
Наместо транспаренти, цртежи и забава за поддршка на „Заедничка Македонија“ (Фото)
На денешниот музички хепенинг на Школка, во Градскиот парк во Скопје, орга...
ИЗЛОГ
Убавина
Пишува Лејла САБИТ - Вистинска. Лажна. Природна. Вештачка......

"Порше" има профит од 16 000 евра од секое возило
Германскиот производител на спортски автомобили, во просек, има профит од ...
"Ауди" во јули ќе го открие новиот "А8"
Четвртата генерација на суперлимузината на "Ауди" ќе биде претставена на 1...
"Фиат фулбек крос": пикап наменет за младата публика
"Фиат" на Саемот во Женева ја претстави крос-верзијата на својот пикап мод...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Фишеци од мортадела
Приготвување:сирењето добро издробете го со виљушка или изрендајте го, па ...
Site Meter