Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

23.02.2017, 15:20

Бујар Османи за преговорите со СДСМ: Законот за јазици усогласен, се разговара за останатите прашања

Затворањето на прашањето за употребата на албанскиот јазик не значи по автоматизам поддршка за формирање на влада, туку само надминување на една важна препрека од процесот, изјави денеска портпаролот на ДУИ Бујар Османи, чија партија синоќа одлучуваше во врска со ова прашање и разговорите за нова влада со СДСМ.

- Значи, точно е дека една важна препрека ја надминавме вчера. Меѓутоа, остануваат и други прашања коишто треба да се усогласат доколку решиме на заедничко владеење во наредниот период. Треба да се усогласат платформи помеѓу партиите за целиот мандат, така да има прашања кои партии ќе бидат во коалиција, има прашања коишто треба да се разговараат. Затоа, ова вчера што се случи не значи по автоматизам поддршка за формирање на влада, само надминување на една важна препрека од процесот. Меѓутоа, понатаму ќе продолжиме да ги разгледуваме и другите прашања, рече Османи.

ДУИ, според него, не дава мандат на никој, туку разговара за да се постигне договор за меѓусебна поддршка за заедничко владеење со која било политичка партија.

- Со СДСМ во овој период имавме работни разговори каде се разговараше за сите прашања. Главен столб на тие разговори беше усогласување по текстот на законот за употреба на јазиците. Досега работните групи работеа по текстот што го подготви ДУИ во соработка со другите албански партии. Вчера Претседателството го усвои текстот на тој закон што ние го предложивме до СДСМ како текст за заедничко усогласување со цел усвојување во Собрание, рече Османи нагласувајќи дека тоа е само една важна точка и оти утре почнуваат разговори за други делови од платформата.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети, како што кажа, има статутарно право, но и согласност од Претседателството на партијата во делот на давањето поддршка за мандатите, доколку тоа го процени имајќи предвид одредени околности како што се локалните избори и друго. - Кога тоа би го проценил може тоа да го направи без да го свика Претседателството. Меѓутоа, ќе оставиме тоа на проценка дали може или не може да се прави пред конечен договор за заедничко владеење, рече Османи.

ДУИ, како што вели, е внимателна во овој процес да не остави непредвидено прашање поради комплицираноста на состојбата во Македонија, која веќе три години е во криза. - Не сакаме да придонесеме со ниту еден чекор таа криза да ја продлабочиме, истакна портпаролот на ДУИ.

Во однос на употребата на албанскиот јазик, портпаролот на партијата рече дека совршени решенија нема, но оти ДУИ смета дека она што е договорено е оптимално решение кое што, како што кажа, го затвора единственото нерешено прашање од Рамковниот договор во делот на донесувањето закони.

- Во делот на донесување закони согласно Рамковниот договор овој закон беше оставен како незавршено прашање, така што сметаме дека донесувањето ќе биде историски момент затоа што се чекало 15 години и ќе значи затворање на една важна тема која што значително ќе ги релаксира меѓуетничките односи и ќе отстрани едно големо бреме од меѓуетничките односи и ќе ни дозволи полесен прогрес на државата, смета Османи.

Го цитираше членот 5 од Уставот на РМ кој предвидува дека официјален јазик и неговото писмо е во официјална употреба и јазикот на заедниците коишто се повеќе од 20 проценти.

- Значи по службена должност и во комуникација со граѓаните во централните институции и во локалните институции и албанскиот јазик и неговото писмо е во службена употреба. И во судските постапки и во постапките во Обвинителството, значи во сите органи на државната власт. Доколку која било од странките зборува на албански јазик ќе мора во целата судска постапка да биде на албански јазик, рече Османи додавајќи дека двојазични ќе бидат и сите документи и акти што ќе произлезат од тој процес.

Во однос на двојазичноста на банкнотите, вели дека ДУИ не се откажала од таа идеја и оти за тоа во овој процес консултирани се голем број експерти да не се излегува надвор од рамките на Уставот. За промена на знамето и на химната, вели дека тоа се прашања кои бараат промена на Уставот.

- Прашањата кои бараат промена на Уставот, идејата на платформата беше да се постигне внатреалбански консензус како предуслов за започнување на албанско-македонски. Тие прашања ги надминуваат односите помеѓу две политички партии кои и да се тие, дали ДУИ и ВМРО, дали ДУИ и СДСМ, двотретинско мнозинство, значи вклучување на сите партии и оттука тоа веќе значи дијалог помеѓу заедниците. Тој процес ќе продолжи, рече Османи.

За поделбата на ресорите и информациите кои што излегоа во медиумите рече дека се шпекулации оти разговорите не се стигнати во таа фаза. - Сега допрва почнуваме со разговори по однос на тоа дали можеме да усогласиме влада помеѓу двете партии. Мислам дека пред ресорите има поважни прашања, а тоа е усогласување на платформите. Усогласување на платформи – програма на влада. Изборната програма на ДУИ е многу јасна и е претставена пред граѓаните и таму се претставени сите точки коишто треба да се имплементираат. И доколку се разбира тука не најдеме согласност тоа е повторно пречка за склучување договор, рече Османи.


Текстот е прочитан 2128 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter