Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

10.03.2017, 15:30

74 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТИРАЊЕТО НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Живееме во Израел, но со мислите сме во родниот Штип

"Тоа студено утро на 11 март 1943 година, Штип беше буден и на нозе, но молк притискаше од сите страни. Во ноќта се слушаше само ѕвечкањето на пушките. Луѓето скришум се погледнуваа од ќепенците и се прашуваа што се случува. 'Ги носат некаде нашите браќа, Евреи', ќе дошепнеше некој. Но никој не знаеше да одговори каде.


Шела Алтарац со сопругот на одбележувањето на 71-годишнината од допортирањето на Евреите од Штип. Тоа било прво враќање во родниот Штип по 1943 година, кога се случило масовното депортирање

Луѓето чекореа во колона по еден, без да им се дозволи нешто да прашаат. В раце по некоја торбичка или куферче, она што успеале набрзина да го земат од дома. Не смееја ниту да се свртат кон своите домови. Подбуцнувани со кундаците и со бајонетите, ги однесоа до железничката станица во Штип. Пред да ги натоварат во вагоните, брутално беа претресувани. Им беше одземено сe што беше вредно. Возот со 14 вагони точно во 14 часот го започна својот пат во неповрат. Пат до злогласниот логор Треблинка, каде што сите Евреи, и штипски, и битолски и скопски, беа ѕверски погубени. Кога се раздени, глетката беше морничава. Старото еврејско маало во центарот на Штип беше празно, и куќите и дуќаните што ги имаа Евреите останаа неми".
Ова е дел од она што е запишано на црните страници во штипските архиви за тешката судбина на македонските Евреи.
Мрачната голгота ја преживеале само неколкумина. Леон Капуано, ветеринарен лекар кој се населил во Загреб; Нисан Сион, кој се преселил во Тел Авив; Моша Сион, кој се преселил во израелскиот Акефан; штипјанката Шела Алтарац, која тогаш имала само девет години, и штипјанецот Моис Рубиса, кој пред почетокот на Втората светска војна, како ерген, заминал за Белград и од каде што, заедно со други Евреи, бил однесен во логорот во Бремен. Успеал да го преживее логорот и по завршувањето на војната, се вратил во Штип. Во штипско Ново Село го затекла разрушена куќа, во која ги нашол само домашниот часовник и една семејна фотографија, колку да се сеќава на своите од фамилијата, која целосно била депортирана.


Цела фамилија била депортирана, останала само семејната фотографија колку за сеќавање на мајката Стерина, таткото Давид (кои на фотографијата седат), братот Пепо и сестрите Шана, Ана и Грација, кои завршиле во логорот Треблинка

Во сплет на среќни околности, депортацијата ја избегнала и Шела Алтарац, која тогаш имала само девет години. Возот во кој било девојчето, бил под контрола на италијанската војска. Постарата сестра на Шела знаела италијански, па некако успеала да ги убеди италијанските војници барем да го пуштат девојчето. Така Шела се спасила од Треблинка.
Неодамна Шела, која се населила во Израел, престојуваше во Штип. Осумдесет и тригодишната жена со носталгија се присети на маалото каде што си играла. Таму денес се наоѓа споменикот во чест на депортираните штипски Евреи. Положи цвеќиња и се присети на погубниот ден со зборовите: "Од плачење, во моите очи повеќе нема солзи. Никогаш да не се повтори", рече Шела Сион, сега Алтарац, која во Израел има два сина и една ќерка, дванаесет внуци и правнуци. "Да сум жива и здрава, еден ден ќе ги доведам и нив во Штип", рече со воздишка Шела, која допатува со сопругот, Аврам Брацо.


Митко Рубиса

Митко, син на Моис Рубиса, е роден во Штип, во шеесеттите години од минатиот век. Во Штип го познаваат сите, особено неговите врсници. Го викаат Јоле Еврејчето. Мајка му е штипјанката Павлина Хаџијанева, која најпрвин ја родила Анка, која го добила името по нејзината тетка, а потоа Митко, кој е крстен по името на нејзиниот татко. Од татко си и од дедовците уште како дете слушал за ужасот на Евреите кон и во логорот на смртта во Треблинка.


Паркот во Штип и фонтаната во чија заднина е таканареченото старо Еврејско Маало

"Метнат на татко ми и на дедо ми, кои работеа во 'Метална', и јас станав електромеханичар. Повеќе од три децении работев во истата металска фирма. Се оженив со штипјанката Невенка Филева, која ми роди два сина - Моне и Павле", вели Митко Рубиса, кој во Штип е познат и по спортскиот живот.
Повеќе години беше стандарден член на боречкиот клуб "Балканец" и освојувач на повеќе медали на разни турнири и првенства. На игралиштето во Ново Село, каде што беше нивната трошна куќа, Митко многу често, заедно со другарите, знаеше да игра и фудбал.
Но животниот пат на децата пред неколку години го одведе семејството Рубиса во Израел. Таму двајцата синови ги завршиле студиите. Студирале во Хаифа. Едниот син бил војник во Македонија, а другиот во израелската армија. Сега двајцата се во фаза на формирање семејство. Сега, шеесет и петгодишниот Митко и неговата сопруга Невенка се подготвуваат за внучиња, но, истовремено, наоѓаат начин и време барем еднаш во годината да го посетат родниот Штип и да се видат со роднините и со пријателите.

Текст и фото: Тодор Јовановски


Штипските Евреи биле големи занаетчии и трговци

До депортацијата во 1943 година, во Штип имало 140 еврејски семејства, со 560 Евреи. Живееле во центарот на Штип, во таканареченото Еврејско Маало. Имале синагога, еврејско училиште, хор, драмска секција, фудбалски клуб. Играле заедно со Македонците. И во дуќаните биле заедно, како браќа.
Во штипските архиви уште стои запишано дека Евреите биле познати трговци, занаетчии, професори и сите биле чесни и учени луѓе. Соживотот бил на високо ниво. Евреите во Штип ги отвориле првата аптека, првата месарница, ќебапчилница и првото противпожарно друштво во Источна Македонија. Имале повеќе големи магацини, триесетина дуќани и ја воделе главната трговија со брашно, кожа, свила и со други производи, чиј промет обично се спроведувал преку Солун.
"Со Нисим Сион толку убаво и сложно живеевме, што нашиот берберски занает го претворивме и во кумство. Пред да замине за Израел, Сион ги крсти моите две деца, Јован и Славица", напишал во своите мемоари берберот Стојан Величковски. 


Општината подигна споменик на Евреите и изгради пат до Еврејските гробишта

Во знак на сеќавање на своите сограѓани Евреи кои беа депортирани и погубени во логорот Треблинка, Општината Штип уште во 1986 година, во Еврејското Маало, им подигна споменик на Евреите, дело на штипскиот уметник Методи Андонов. Автентичната менора содржи над 3 000 специјални метални парчиња, а на споменикот, кој се смета за еден од најубавите во Европа, се напишани имињата на сите Евреи кои биле депортирани во Треблинка.
Општина Штип и Министерството за култура, пред неколку години, почнаа да ги реставрираат оштетените Еврејски гробишта. Извршено е заградување на гробиштата, а локалната самоуправа изгради и асфалтираше нов приоден пат. Договорено е внатрешната реставрација на гробовите да ја извршат стручни лица од Израел, по сите еврејски обичаи, ангажирани од Еврејската заедница во Македонија.
Главниот менаџер и извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, Горан Садикаријо, е презадоволен од соработката со Општина Штип .
"Упатувам голема благодарност до градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, за грижата што ја посветува за одржување на споменикот на Евреите, а особено за неговата заложба експресно да се пробие пат до Еврејските гробишта и уште повеќе што на негова иницијатива, во и околу кругот на гробиштата се посадени стотина нови дрвца", вели Садикаријо. 

Дел од еврејското злато било дадено на партизаните

Според некои сведочења, дел од еврејското злато завршило во рацете на партизаните, како непосредна поткрепа и помош за НОБ. Кога веќе било јасно дека Евреите заминуваат на пат само во еден правец, без враќање, претставници на главниот штаб на НОБ и ПОМ, пред да бидат депортирани Евреите во скопскиот монопол оствариле средба со највлијателните Евреи, кои им опишале во кои куќи и на кои места е скриено нивното злато и останатото еврејско богатство. Потоа нивните златници биле вложени за набавка на оружје, муниција и слично.

Околу милион Евреи настрадале во Треблинка

Треблинка бил нацистички логор на смртта во окупираната Полска за време на Втората светска војна, сместен 100 км североисточно од Варшава, близу местото Треблинка, каде што во периодот од јули 1942 до октомври 1943 година биле масовно убивани Евреи. Бил еден од логорите создадени во рамки на операцијата "Рајнхард", наменета за целосно уништување на Евреите во Полска. Другите три логори во таа операција биле Белзец, Собибор и Мајданек. Операцијата директно ја раководел Хајнрих Химлер. Пред операцијата "Рајнхард", Евреите биле затворани во гета и биле убивани, но станало јасно дека планот за целосно уништување на Евреите не може да се изведе на овој начин. Затоа била смислена операцијата "Рајнхард" и биле формирани 4 логори за уништување на Евреите од гетата. Логорот Треблинка бил готов на 24 јули 1942. Само за два и пол месеци, од отворањето до 3 октомври 1942, во него биле донесени преку 310 000 Евреи од варшавското гето.
На 22 март 1943, од Македонија во Треблинка биле транспортирани околу 7 200 Евреи и таму биле убиени. Се смета дека таму настрадале околу 245 000 Евреи од варшавското гето, 112 000 од околината на Варшава и уште околу 480 000 од другите делови на Полска. Тука биле носени и убивани Евреи и од другите земји. Освен од Македонија, во него настрадале околу 7 000 луѓе од Словачка и 4 000 од Грција.
Во август 1943, затворениците во Треблинка се побуниле, го одзеле оружјето на стражарите и го запалиле логорот. Германците крваво го задушиле бунтот: од 1 500 затвореници, само 40 останале живи. Наскоро потоа, логорот бил затворен.


Текстот е прочитан 7331 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter