Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

03.02.2017, 21:41

ИНТЕРВЈУ СО НОВИОТ ДИРЕКТОР НА ИНСТИТУТОТ ЗА СУДСКА МЕДИЦИНА И КРИМИНАЛИСТИКА ВО СКОПЈЕ, Д-Р АЛЕКСАНДАР СТАНКОВ

Обдукцијата е моќ да се докаже вистината, не хорор филм

Од пред два месеца д-р Александар Станков е новиот директор на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје. Крајот на минатата година му донесе на д-р Станков нов почеток во работната кариера, во Институтот во кој тој е дел од тимот обдуценти речиси 20 години. Преземањето на директорската функција и предводењето на стручњаците во бели мантили кои по завршување на вештачењата, обдукциите и изготвените протоколи го ставаат својот потпис на документ кој потоа се користи како доказ за сериозни кривични дела и кој одлучува дали нечиј живот ќе мине во затвор или не, е голема одговорност. Секое тело, секоја обдукција за доктор Станков е посебна приказна. Со науката, искуството и со знаењето се собираат докази, кои дишат во тишината во која работат докторите. Голема одговорност е да се даде одговор на прашањето дали постои кривично дело, но уште поголемо е задоволството кога успешно ќе се заврши и ќе се докаже случајот.

Неодамна застанавте на чело на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. По 28 години, оваа институција доби нов директор. Обврска, страв, гордост, мотивација, почестеност, како гледате на вашето назначување?

На 5 декември 2016 година, деканот на Медицинскиот факултет ме назначи за раководител на Институтот за судска медицина, а тоа е плод на целокупната моја досегашна работа и на довербата што ја имам кај вработените. Функцијата што ја извршувам не значи привилегија, туку голема обврска, која произлегува од огромниот авторитет што сега го поседува Институтот. Во тој контекст, моја обврска е да направам нешто повеќе од моите претходници, а верувајте, тие направија огромни работи. Меѓутоа, човекот, како единка, е небитен и тој ништо не може да направи сам. Успешниот раководител со сопствен пример покажува што значи да си целосно посветен на професијата, а е опкружен со тим што му верува, тим со идеи, тим што секогаш и насекаде ќе го чува образот на Институтот. Горд сум и почестен што токму јас сум избран од вработените да застанам на чело на оваа институција, а тоа ми е и дополнителна мотивација да работам уште повеќе.

Кога ќе се спомене Институтот за судска медицина, прво на што нe асоцира е обдукција и помисла на морничав објект во кој се работи со трупови, но тоа за вас е, секако, цела една наука. Има ли негодувања од семејства на починати лица, критики околу тоа дека ги сечете и ги нагрдувате телата на нивните блиски или знаат да ви признаат за решавање на некој случај откако ќе стивне болката за загубениот близок?

Обдукцијата, како збор, во умот на човекот предизвикува страшни слики, веројатно, слики од хорор филм. Тоа не се случува само кај луѓето што немаат никаква врска со медицината туку и кај наши колеги. Поради лошите информации сервирани преку сериите и филмовите, луѓето најчесто реагираат со гадење и со одвратност. Но медицината го доживеала својот вистински развој откога се воведени обдукциите. Тогаш лекарите имале вистинска претстава како е изградено човековото тело и што се случувало со него при одредени болести или, пак, при повреди. Обдукцијата е вистински и моќен инструмент во рацете на еден професионалец. Секоја сериозна држава што сака да има моќен здравствен и безбедносен систем и вистински статистички податоци врз основа на кои ќе може да ги предвидува превентивата и здравствената заштита на своите граѓани, мора да ја поддржува обдукцијата и со сите сили да се залага таа да се изведува. Иако е предвидена со закон, обдукцијата, како инструмент, не се користи доволно, а сето тоа се оправдува со штедењето пари. Финансиите не треба да бидат проблем и тоа треба да се предвиди во буџетот со посебна ставка. Блиските роднини на починатиот се во огромна тага и шок и реагираат бурно кога ќе ги информираме дека ќе треба да се направи обдукција. Некои мислат дека им ги земаме органите и ги продаваме, други реагираат поради верските обичаи, трети не сакаат да се отвора телото. Сепак, кога ќе седнеме да разговараме и ќе им објасниме на луѓето дека тоа е во нивна корист, тие ја прифаќаат целата постапка. Иако се работи за мртво тело, ние сме должни да го почитуваме, а обдукцијата се работи по однапред утврден редослед и телото со ниедна постапка не смее да биде нагрдено.

Има ли доволно опрема и кадар со кои можете да работите во онаа мера во која налага ваквата професија?

Тимот што работи на Институтот е фантастичен. Имаме млад кадар од една и доволно искусни колеги од друга страна. Младоста и искуството секојдневно се надополнуваат, што, пак, е предуслов за навремено и професионално завршена работа. Пред две години вработивме доволно кадар и во лабораториите. Сега тоа се модерни лаборатории со најмодерна опрема и со кадар кој, иако сe уште се едуцира, сепак, е спремен да одговори и на најголемите предизвици. Како единствена институција од ваков тип, државата мора да вложува уште повеќе. Тоа што нe мачи во моментов е неквалитетната изградба на објектот во минатото, што сега резултира со проблеми, кои ни ја отежнуваат работата. Особено проблеми ни создаваат долгите и мачни тендерски постапки од кои ни зависат набавките на опрема и на реагенси, а со тоа и нашата работа. Ние, како институт, имаме огромна поддршка и разбирање од раководниот тим на Медицинскиот факултет и на Универзитетот. Се надевам дека заедно со нив ќе ги надминеме сите проблеми поврзани со нашата дејност.

Се сеќавате ли на првата обдукција и зошто баш судска медицина?

Не можам да се сетам на првата обдукција, но можам да се сетам на чувството што го имав кога прв пат присуствував на обдукција во Институтот. Кога влегов и кога го видов телото поставено на обдукционата маса, си помислив дека од тој момент јас морам да го гледам животот од спротивната страна, односно од смртта кон раѓањето. Една од најинтересните обдукции во првите месеци од моето присуство во Институтот беше во бањата "Косоврасти", кога буквално телата се распаѓаа пред нашите очи. Кога се врши обдукција, фокусиран си на проблемот што треба да го решиш и не размислуваш емотивно. Тешкотијата произлегува од приказните што ќе ги слушнеш од роднините, од нивните погледи и севкупно, од тажните судбини со кои ние секојдневно се среќаваме. Сепак, како професионалци, во никој случај не се врзуваме емотивно со случајот, зашто тогаш се губи објективноста. Најтешко досега ми беше присуството на една идентификација, кога мајката требаше да го идентификува сопствениот син, и никогаш нема да го заборавам тоа. Немам одговор зошто баш судска медицина. Дојдов во Институтот, волонтирав неколку месеци, ми се допадна работата и оттогаш таа е дел од мојот живот.

Има ли притисоци и каква е вашата соработка со обвинителствата и со судовите со кои неминовно и секојдневно сте во контакт и согласно со Законот за кривична постапка, должни сте да им одговорите на издадените наредби?

Со промена на Законот за кривична постапка, обвинителствата добија многу поголеми обврски од оние што ги имаа во минатото. Сега тие ја водат истрагата, а порано тоа беше истражниот судија. Имам мислење дека сe уште му треба време на Обвинителство да сфати што, всушност, работиме ние. Соработката со Обвинителството и со сите вклучени во истражните постапки е добра, но може и треба да биде уште подобра. Јас, како почетник, се сеќавам дека додека не се завршеше случајот во текот на обдукцијата, одредени истражни судии и вработени во Одделениот за крвни деликти не излегуваа од Институтот. Сега таа соработка е сведена на телефонски разговори и на преписки. Сосема друга е работата кога сите сме на едно место и заедно го решаваме случајот, почнувајќи од увидот на местото на настанот, па преку обдукцијата и анализите што понатаму следуваат.

Постојат ли случаи кога некој отворено ви нуди одредена награда за поинаку да изработите обдукциски наод или вештачење во нечија корист, а спротивно на фактите? Имате ли закани?

Корупцијата не сме ја измислиле ние. Таа постоела и ќе постои. Сепак, пак ќе кажам дека сe зависи од човекот и колку е подготвен тој да биде купен. Затоа кај нас се применува системот на тројца потпишани на секое мислење и сигурен сум дека сме доволно добро заштитени од вакви непријатности. Од друга страна, кога ќе си помислиш колку многу труд, работа, непроспиени ноќи си потрошил за да дојдеш до одредена професионална позиција, многу добро ќе размислиш дали вреди да го фрлиш сето тоа во вода и да се претвориш во нечија марионета. Кога еднаш ќе влезеш во тие води, нема излегување, а тогаш целиот живот ти се руши.

Имам впечаток дека тезата да не се носи работата дома не важи во случај кога сте доктор патолог. Во право ли сум?

Тезата да не се носи работата дома, воопшто не важи за лекарите. И да сакаат, не можат да го направат тоа, бидејќи Македонија е мала држава и секој сокого го познава, а во ера на мобилната телефонија, докторите се 24 часа достапни. За жал, таква ни е професијата, особено кога се работи за некој комплициран случај, па се мачиш со денови да го решиш. Помислата дека туѓ живот зависи од вашите знаења и умешности, е огромен товар и обврска. Конкретно, иако ние не се занимаваме со третман на пациенти,сепак, во голема мера од нашите вештачења зависи судбината на еден човек, дали тој ќе биде ослободен или ќе оди во затвор. Затоа нашите одлуки никогаш не се носат набрзина и секое вештачење е добро анализирано, а заклучокот се носи исклучиво врз основа на материјалните докази. Голема грешка се направи во државата што се дозволи на голем број луѓе да се нарекуваат и да имаат официјален документ за судски вештак. Едно е да си добар професионалец, добар хирург, интернист, машински инженер, ама друго е да си квалитетен вештак, затоа што вештачењето е сосема друг процес и не зависи од тоа колку добар лекар си ти.

Сте докажале ли случај на лекарска грешка како причина за смрт?

Грешките се составен дел од животот, а тој што работи и греши. Најголема грешка е онаа што нема никогаш да се поправи. Токму тука и дејствува судската медицина и обдукциите што ги извршува како контролор на работата на лекарот, негов едукатор и заштитник. Лекарската грешка е правен термин и ние никогаш не даваме заклучок дека се работи за лекарска грешка, туку со нашите вештачења му обезбедуваме на судот материјални докази, кои одат или не во прилог на лекарска грешка, а судот е тој што го квалификува кривичното дело. Секако, во текот на нашата работа сме нашле грешки што биле кобни за животот на пациентот, но и сме докажале дека не постоеле грешки во дејствувањето на лекарите и тие биле ослободени од обвиненијата. 

Од вашите вештачења во голема мера зависат одлуките на судиите за каква казна ќе им изречат на лицата обвинети за убиство, за силување и за голем број други тешки кривични дела. Ви се случува ли да се разбудите од сон и да се преиспитате околу некој случај, решавате ли случаи и додека спиете?

Нашите вештачења не се ништо друго, освен обезбедување материјални докази при едно кривично дело. Сите вештачења се работат одговорно и со најсовремена методологија. За нас не постои ист случај. Секој случај е различна приказна и секој случај заслужува исцрпно да се изработи. Затоа претходно кажав дека обдукциите се моќен инструмент и со ништо не може да се надополнат доказите изгубени доколку не се направи обдукција или, пак, доколку нестручен кадар се занимава со обработка на биолошки траги, кои се дел од медицинската криминалистика. За секој случај што е обработен кај нас, се чува доволно материјал за повторно да се провери. Меѓутоа, во секој случај што е квалитетно работен, многу е мал ризикот за грешка. Сигурен сум дека секому му се случило да се преиспитува за одлуката што ја донел, но, сепак, таа одлука ја носат повеќе луѓе и со повторување на анализите, секој од вештаците има мирен сон. Се случува воопшто да не заспиеме или, пак, цела ноќ да размислуваме за случаите, особено кога останале неодговорени прашања. Големо е задоволството кога ќе завршите еден случај, кога ќе одговорите на сите прашања и кога врз основа на своите одговори сте сигурни дека сте помогнале во судска разрешница на тој случај.

Катерина Додевска
Фото: Драган Перковски


Текстот е прочитан 6685 пати.
#
„За заедничка Македонија“ пред штабовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
ЕК: Отворањето на преговорите зависи од Европскиот совет, не од нас
Регионална конференција за Балканската бегалска рута
Пратениците се вратија во собраниските клупи
Потврда од Албанија: Платформата од Тирана е масло на Еди Рама
(КОЛУМНА)Латас: Порно
На нозе и Македонците во Швајцарија
И овој викенд, наместо протести музички хепенинзи
ЕУ нуди работа за молери и камионџии од Македонија
Преспа е совршен пример на победа за одржливиот развој

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ФОТО ГАЛЕРИИ
Наместо транспаренти, цртежи и забава за поддршка на „Заедничка Македонија“ (Фото)
На денешниот музички хепенинг на Школка, во Градскиот парк во Скопје, орга...
ИЗЛОГ
Убавина
Пишува Лејла САБИТ - Вистинска. Лажна. Природна. Вештачка......

"Порше" има профит од 16 000 евра од секое возило
Германскиот производител на спортски автомобили, во просек, има профит од ...
"Ауди" во јули ќе го открие новиот "А8"
Четвртата генерација на суперлимузината на "Ауди" ќе биде претставена на 1...
"Фиат фулбек крос": пикап наменет за младата публика
"Фиат" на Саемот во Женева ја претстави крос-верзијата на својот пикап мод...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Компири во сол
Приготвување: компирите истријте ги со остра четкичка, измијте ги добро и ...
Site Meter