Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

02.01.2017, 09:06

ИНТЕРВЈУ СО ИГОР АНГЕЛОВ, АКТЕР: Глумец без аплауз е ништо

Глумецот Игор Ангелов кај пошироката јавност е актуелен со ТВ-серијата "Преспав", која се емитува на ТВ "Телма" и со детската ТВ-серија "Пет +" на МТВ, двете во продукција на "Охо". Тој е актер на Драмскиот театар, кој кариерата, по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ја започна во Прилеп, ја продолжи во Велес и во МНТ. Игор, со своите карактери е омилен лик на публиката од сите возрасти, го препознаваат и го сакаат и како Детективот Цветко и Коста од пансионот "Преспав", како и од улогите во филмовите "Трето полувреме", "Медена ноќ", "Лазар", "Како да ме нема". Игра во повеќе кратки филмови, а во најава е новиот филм на Владимир Блажевски "Слобода или смрт", во кој ја има главната улога.

Игор (40) вели дека има голема поддршка од семејството, сопругата и двајцата синови, кои имаат 13 и 7 години, како и од семејството на неговиот малку постар брат, од кого деновиве ја добил внуката Јована, што е главна тема кај Ангелови.

-Игор, како станавте глумец? Имавте ли некој идол, посебен талент, желба?

Не (одговара со широка насмевка). Учев гимназија во "Зеф Љуш Марку" каде што македонски јазик ми предаваше големата професорка Јонка. Таа ме научи на многу убави работи во животот, ме повлече во светот на литературата во тие важни години, од 15-тата натаму. Многу читав, покрај сите детски работи кои се прават во тинејџерските години, го открив Хесе, на пример, а потоа и драмската литература, отпрвин Шекспир, па Чехов, па Горан Стефановски.
Така кај мене влезе љубовта кон театарот, кон кутијата - сцената. Фасцинантна беше идејата дека од обичен човек што оди по улица, можеш да влезеш во театарот, а таму да влезеш во некој лик, да одиграш претстава, а потоа да излезеш повторно на улица како обичен човек, и да си одиш дома.
Големо влијание врз мене имаше и покојната професорката по ликовно Ратка Димтрова - Лале, која беше голем човек, а со неа разговаравме и за литература, историја на уметност, за филм. Таа ни го откри, на пример, Џармуш. Драго ми е што нејзината филмска работилница работеше со успех, и што сега "Мобил фест" има награда со нејзино име.

-Потоа доаѓа Академијата, како поминавте таму?


Да, но не веднаш. Немаше класа за актери кога завршив и, за моја среќа, требаше да чекам една година, во која се подготвував и живеев еден особен живот што младите како искуство го имаа растејќи во населбата Аеродром во '90-тите години. Среќа беше што ме примија во класата на Владимир Милчин, и тогаш мислев дека целата работа е завршена. Но не е така. Набрзо по воодушевувањето, почнав да осознавам работи кои се случуваат зад сцената. Во исто време, учев како треба, и како не треба. Дојде едно разочарување. Мојот идеал за глумата исчезна. Видов како се добиваат улоги, какви сe луѓе незнајковци влегуваат во театарот, но повторно се вратив на наставната содржина и на професорот Милчин, кој со асистентката Сузана Киранџиска точно знаеја што прават од нас младите актери и како да нe месат како свежа глина.
Научив дека актерството не е само смеење, аплаузи, и уживање туку дека е многу сериозна професија.

-Што друго научивте набрзо по Академијата?

Па научив дека гадно се зезнал оној што мисли дека сe е завршено со тоа што ќе завршиш Академија и ќе се вработиш на неопределено време.
Тоа е замка. Можеби затоа за актерите велат дека се боеми, со пороци. Тие се предаваат на таков живот поради тоа што ја губат смислата во работата. Ќе си речат, станав првенец, имам две, три награди, и влегуваат во конформизам, а не е така. Секоја улога е ново докажување. Она што сме го сработиле е, напротив, товар кој треба да се носи. Според мене, не е соодветно некоја голема глумечка легенда, која толку многу изградила со својата работа, да ја видите како работи нешто евтино, во парична и во духовна смисла.
Ние имаме одговорност, како што политичарот има одговорност, или тој што вози кола по град, така и ние имаме културолошко-социјална одговорност во општеството.

-Кога сме кај одговорноста на актерите, какво е вашето искуство со популарната серија за деца "Пет +"?

Сфаќам дека откако сум јас, веќе повеќе од 7 години, во серијата, генерации деца пораснаа со ликовите од "Пет +". Како што јас како дете сум ги чекал Бранко Коцкица или "Бушавата азбука", сега тие нe чекаат нас, и свесни сме дека имаме големо влијание, во забавна и во едукативна смисла, врз децата. Со тоа имаме и огромна одговорност, зашто пренесуваме најразлични пораки. Серијата е сериозна работа и зад неа стои огромен тим, но сметам дека заслужено го освои медиумскиот простор, зашто во изминативе години сме сведоци на тотален распад на сите вредности, па така ги нема детските програми кои се продуцираа на МТВ, а и овие македонски приказни кои денес се продуцираат се полоши од оние што се правеа на почетокот.
"Пет +" има свој континуитет и сериозен развој, се надевам дека ќе бидеме светла точка и во МТВ каде што од неодамна преминавме, и оти МТВ ќе се врати на старите патеки, кои ги заслужува.
-Преминуваме на "Преспав". Има различни коментари, но преовладуваат позитивните.
Ситком серија за сите нас е нешто ново, и за екипата и за публиката. Тоа е комедија на ситуација во која сe брзо се одвива, дејството лета, нема долги монолози, а треба сe да се каже.
Мислам дека почнавме добро, темата е земена од нашето поднебје, карактерите се блиски до нашите луѓе, третираме актуелни теми блиски за нас, од јавната администрација. Во најава е нова сезона, во која се засилува тимот, и се надевам дека ќе сме уште, уште подобри, онакви какви што треба да бидеме.

-Да ни откриете нешто од зад камерите на "Преспав".

Ух, па нема нешто многу интересно освен дека е многу сериозна работа ( ха ха). Се снима секој ден по една епизода. На сет сме по околу 12 часа, тој текст од тој сет веднаш го забораваме, и дома го учиме новиот, за следниот ден. Нема опуштање ниту време за кафеана или за каква било дружба по снимање.
Сценариото поминува низ многу сита, се трудиме да работиме по светски стандарди.
Задоволни сме дека правиме нешто ново и се спротивставувавме, на некој начин, на ТВ-сериите увезени однадвор, кои се брзо разградливо четиво. _ одземаат на популацијата и по пет часа на ден, а се порозни, брзо се забораваат. За време на нивното емитување, пак, поминуваат разни реклами, спотови и телопи со политички содржини кои, на тој начин, природно се доближуваат до мелодраматично расположената публика. Тоа е друга и покомплексна тема.

-Како дел од засилената филмска продукција во земјава, кој е вашиот став за домашната кинематографија?

Се рекло дека квантитетот раѓа квалитет, и сметам оти е одлично што многу се снима. Среќен сум што сум дел од некои филмови, и што шанса добија неколку млади режисери. Си го следам својот развој, и не можам да кажам дека не сум задоволен, сe поудобно се чувствувам на филм, можеби како резултат на серијата. Но филмот е најголемата лага на светот, и затоа е најголемата магија (јас не верувам во магии). Само големи лаги можат да станат магии.
Сега само можам да го најавам новиот филм на Владимир Блажевски "Слобода или смрт", во кој имам главна улога, и мислам дека ќе е филм кој мене ќе ме оформи и ќе ме зацврсти во некоја смисла, а и оти ќе донесе нешто ново во кинематографијата.
-Имате ли посебна желба какви улоги сакате да играте?
Не, не сакам да влезам во каков било фах. Сакам да играм комедии, а не сум играл, на пример, во некоја каде што смртно сериозно се глуми. Во таква би сакал да играм.

-Мустаќите ви се заштитен знак, или?

Да, сакам да имам мустаќи. "Машка гордост со три букви, што е? Брк", тоа е цитат од Кили.
Она што е важно е дека и жена ми ме сака со мустаќи. Тоа е многу важно. Од неа, и од семејството ја имам целосната поддршка за сe што правам во животот. Потребна е поддршката или прекорот од дома. Ако го немаме тоа, ништо немаме. А ние глумците знаеме да бидеме суетни и самобендисани. Знаеме понекогаш да бидеме расипани, разгалени, што не е само случај кај нас, секаде е исто. Тоа е карактерот на глумецот. Он излегува на сцена, добива аплауз, го храни своето его. Ако го нема аплаузот, тој се празни. И така цел живот. Со тек на време, тоа нe прави да бидеме малку одважни, што не е лошо, така треба зашто ние не сме како другите. Навикнати сме на тапкање по рамо, па не можеме ниту да бидеме блиски со луѓето, се затвораме, не им дозволуваме поблиску од тоа да ни се приближат, да искажат можеби и критика. Тоа не го сакаме.

-Како се носите со популарноста?


Ако кажам дека не ми годи, ќе излажам. Многу е убава и чиста таа енергија со која луѓето што ќе те запрат те бодрат да продолжиш да го работиш тоа што си го почнал. Во последно време зазедов дел од агресивниот ТВ-простор, па има интерес за мене, од најобични дневни ситуации, понуди од големи корпорации да рекламирам нивни производи, до политички партии. За среќа, благодарение на моите родители, воспитан сум да ги ценам вистинските вредности и да го гледам животот низ критичка призма со хумор и сарказам. На тој начин човек може да има дистанца кон случувањата, во спротивно, или ќе бидеш вовлечен во орото или ќе бидеш очаен. Се надевам дека ќе успеам и моите деца да ги воспитам што побезболно да си ги обезбедат својот простор за живот, како што тоа ми успева мене. Не е лесно да се живее во овој загаден воздух и загадено општество, и да се остане здрав.

-За крај, некоја новогодишна честитка за читателите?

Сведоци сме деновиве на невообичаено многу хуманитарни акции и настани. Голем број истакнати дејци и успешни луѓе од областа на политиката, културата, бизнис елитата, на естрадата и уште многу, многу други ги искористија новогодишните празници и им помогнаа на тие што немаат. Навистина не се штедеа. Хуманоста нема граници. Хуманоста порасна до таа мера што дури се откажуваат новогодишни прослави само да се помогне. Така и ни треба. Среќна да ни е Новата година.

Марија Зафировска
Фото: О. Теофиловски


Текстот е прочитан 1559 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ФОТО ГАЛЕРИИ
И Оги за 5000-тиот број на „Вест“
За јубилејниот 5000. број на Вест подготвивме и ексклузивна несе...
ИЗЛОГ
Оскар
Пишува Лејла САБИТ - Сон на секоја жена....

"Митцубиши" во Женева ќе го претстави кросоверот "еклипс"
По подолго време, "Митцубиши" на Саемот во Женева што ќе се одржи во март,...
"Опел" во офанзива со "кросленд икс"
"Опел" ги објави фотографиите и техничките детали од новиот компактен крос...
"Форд" ги откри адутите на новото "ГТ"
Иако првите примероци на "форд ГТ" од фабричката лента се симнаа кон крајо...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Печени компири со сланина
Приготвување: компирите и кромидот излупете ги, исечете ги на тркалца, пос...
Site Meter