Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

10.03.2017, 15:46

ПУТИНОЛОГИЈА: СЕДУМ ТЕОРИИ ЗА ВЛАДИМИР ПУТИН

Гениј, шпион, крадец...

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ("Гардијан") - Можеби, сте забележале дека Путин е насекаде. Тој има војници во Украина и во Сирија, прави "проблеми" на Балтикот и во Финска и се меша во изборите од Чешка преку Франција, па сe до САД. И го има во медиумите. Не минува ден без некоја голема, нова статија за "Путиновата одмазда", "Тајниот извор на Путиновото зло" или "10 причини зошто Владимир Путин е ужасно човечко суштество".

Неговата сеприсутност му го крена угледот на практикувањето на путинологијата. Путинологијата, практика на коментирања и анализирања на Путин и на неговите мотиви, се темели на делумни, нецелосни, а понекогаш и целосно лажни информации, а е присутна веќе над една деценија. А што ни кажува путинологијата? Излегува дека таа произвела седум различни хипотези за Путин. Ниедна од нив не е сосема погрешна, но ниедна од нив не е ни сосема во право (освен број 7). Гледани заедно, тие ни кажуваат за нас самите исто колку и за Путин.

Теорија 1: Путин е гениј

Западот го гледа Путин, пред сe, како гениј. Едноставно е, додека светот игра дама, Путин игра шах. Им го одзеде Крим на Украинците без речиси ниеден испукан куршум; ја врати Јалта, омиленото летувалиште на Чехов и на руските цареви, а единствената казна со која се соочи беа помали санкции. Интервенираше во полза на Асад во Сирија и го сврте текот на војната откако САД, Турција и Саудиска Арабија со години им помагаа на бунтовниците. Одигра клучна улога во поткопувањето на про-ЕУ консензусот, финансирајќи ја евроскептичната десница - и таму каде што треба, евроскептичната левица - за да го растури поствоениот меѓународен поредок и за да го замени со серија билатерални односи во кои Русија, во најголем дел, може да биде доминантниот партнер. Тој, исто така, интервенираше во изборите во САД и успеа да постави свој човек во Белата куќа без поголеми последици.

Теорија 2: Путин е никој и ништо

Повеќето Руси првпат го видоа Путин на Нова година во 1999 година, кога во неверојатен пресврт на настани, очигледно болежливиот Борис Јелцин, со уште 6 месеци останати од мандатот, го искористи традиционалното обраќање до нацијата за да објави дека поднесува оставка на позицијата и дека власта му ја предава на неодамна назначениот помлад и поенергичен премиер. Тогаш се појави Путин. И ефектот беше преплашувачки. Јелцин изгледаше збунет и болен. Неговиот говор едвај се разбираше. Седеше здрвено и исправено како да носи протеза. Ама ова? Ова џуџе? Путин изгледаше мал во однос на Јелцин, и иако помлад и поздрав, тој, сепак, успеа повеќе да личи на смртта. Зборуваше неколку минути ветувајќи, од една страна, дека ќе ја зачува руската демократија, а, од друга страна, давајќи разни предупредувања за оние што $ се закануваат на Русија. Многумина не веруваа дека Путин ќе издржи долго време на функцијата. Со сите свои мани, Јелцин беше некој и нешто: висок, со моќен глас и поранешен член на советското Политбиро. А Путин? Тој беше, како што луѓето наскоро дознаа, обичен полковник во КГБ. Тој беше испратен во странство, ама не многу далеку - до Источна Германија, во зафрлениот Дрезден. Тој беше низок и имаше пискав глас, а неговата коса изгледаше проретчено. Тој беше безвреден лик дури и меѓу безвредните ликови што останаа по постојаните чистки на Јелцин во својот кабинет.

Теорија 3: Путин имал мозочен удар

Оваа класика на путинологијата беше популаризирана во 2005 година, во статија на "Атлантик" насловена "Случајниот автократ", во која беше цитирана бихејвиоралната научничка Бренда Л. Конорс, која ги проучуваше движењата на Путин на снимки. Таа заклучи дека тој страда од затапувачка и, веројатно, наследна невролошка болест што, можеби, ја предизвикал мозочен удар. Затоа тој нема целосна контрола на десната страна од телото и кога оди, посилно замавнува со левата рака.

Теорија 4: Путин е КГБ

Кога по познатата средба со Путин Џорџ В. Буш рече дека во неговите очи ја "видел неговата душа", државниот секретар Пауел му одговори: "Кога јас ќе му погледнам во очите, го гледам КГБ. Запомнете, има причина зошто тој течно зборува германски". Слично се чувствува и потпретседателот Дик Чејни: "Секогаш кога го гледам Путин, си мислам КГБ, КГБ, КГБ".
Оттогаш, секој пат кога ќе се обиде да биде љубезен, го обвинуваат за манипулацијата дека е агент на КГБ. Исто така, кога е нељубезен - дека само се обидува да добие психолошка предност бидејќи е агент на КГБ.

Теорија 5: Путин е убиец

Путин поведе насилни и смртоносни војни против Чеченија, Грузија и Украина, а, веројатно, го одобрил и убиството на Литвиненко. Многу луѓе го нарекуваат" убиец на новинари и на политички противници", мислејќи на убиството на новинарката Политковскаја во 2006 година и на лидерот на опозицијата Немцов во 2015 година. Најголемото злосторство за кое го обвинуваат е убиството на 300 луѓе во експлозија во неколку станбени згради во Москва, во 1999 година.

Теорија 6: Путин е крадец

Сe до 2009 година, поплаките на либералните критичари за Путин во Русија, засилени од западните новинари и државници, се концентрираа на неговото прекршување на човековите права. Тој беше цензорот на руските медиуми, касапот на Чеченија, убиецот на Литвиненко, освојувачот на Грузија. По многубројните обвиненија за прекршување на човековите права, антикорупцискиот активист Алексеј Навални ја нарече партијата на Путин "партија на крадци и расипани" и заклучи дека вистинскиот проблем на модерна Русија се парите. Овој став наскоро го презедоа голем број западни путинолози, па Путин повеќе не беше страшното чудовиште, туку нешто многу попросто и полесно за справување: тој стана крадец. Во времето кога дојде на власт, сите пријатели на Путин одеднаш станаа милијардери. Тој си изгради палата на брегот на Црното Море, но се чини дека никогаш не живеел во неа. Сепак, таа е гаранција дека Путин еден ден ќе се пензионира, заклучува "Гардијан".

Теорија 7: И Путин се вика Владимир

Угледниот "Венити фер" неодамна ги предупреди читателите дека крајот на комунизмот "не значи дека Русија ја баталила својата примарна мисија да ја дестабилизира Европа" и го опиша Путин како "бивш агент на КГБ што, не случајно, го дели името 'Владимир Илич' со Ленин". Кога им беше укажано дека Путин, всушност, не е Илич, туку Владимир Владимирович Путин, статијата беше коригирана и пишуваше дека не е случајно што Путин го дели името "Владимир" со Ленин. Ако не е случајно, тоа, можеби, е затоа што тоа е едно од најчестите руски имиња. Но, сепак, ова не може да се негира. И Путин и Ленин се викаат Владимир. Хипотезата "Путин се вика Владимир" е или историска кулминација на путинологијата или нејзино дно, во зависност од вашата перцепција. Но самоуверено да се прогласувате за експерт, а да не го знаете ни името на Путин, секако, е знак на нешто. Тоа е знак дека путинологијата, главно, не е, ниту некогаш била во врска со Путин. Во неделите пред и по инаугурацијата на Трамп, напливот од путиноанализи беше олицетворување на желбата да го снема Трамп, да се обвини некој друг за него.


Текстот е прочитан 4202 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ДЕТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД СОБРАНИЕТО: НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ОБВИНУВАЊА ЗА ПУЧ, УПАД, МАСОВНА ТЕПАЧКА, РАСКРВАВЕНИ ГЛАВИ, ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА, ОСУДИ И ОБВИНУВАЊА (ФОТО)
СДСМ и ДУИ вчера прескокнаа две точки од дневниот ред на конститутивната с...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter