Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

25.02.2017, 19:37

РЕПОРТАЖА ОД „АУШВИЦ“

Доаѓале луѓе, заминувале бројки

Доколку тргнете од Краков кон Аушвиц, не ни може да го насетите хоророт што се случувал таму за време на Втората светска војна. Идиличен крај, пространство, мали куќи. Дури и кога ќе стигнете, не можете да го насетите ужасот. Многу посетители, млади во групи што сакаат да го посетат комплексот. Со нетрпение очекуваат да се запознаат со приказната Аушвиц. Сепак, ако се свртите, ќе забележите три реда жица, целта била да се спречи и помислата за бегство. Ред мини, ред кучиња, ред струја. Многумина свесно, сакајќи да си ги скратат маките, се фаќале за жицата. Во овој логор, никој не бил поштеден, луѓето биле убивани, едноставно, зашто биле поинакви.

Да се вратиме на влезот. Пред влезот во комплексот згради има строга контрола. На секој посетител му се проверува што сè има со себе, а за да го посетите Аушвиц, мора да одите во група со водич.
Еуфоријата од интересот да се посети Аушвиц постои и на влезот, дури и кога го гледате натписот "Арбаит мацхт фреи" над себе. Посетителите се сликаат за да остане забележан моментот на посетата на Аушвиц. Но како што продолжува да се движи групата, така се намалува и желбата за фотографирање. Може да се забележи дека посетителите како што минуваат низ зградите, павилјоните, ги наведуваат главите. Се насетува ужасот. Како што се оди од зграда во зграда, како што биле поделени затворениците, мажи, жени и деца, така се зголемува чувството на сето она што се случувало на овие 200 хектари земја, на кои се протегал злогласниот логор. Ниту илјадниците прочитани страници, ниту филмовите, како и сведоштвата не можат да ви ја доловат сликата за логорот, за она што ќе го почувствувате движејќи се низ комплексот. Денес овој затвор е претворен во музеј и е под заштита на УНЕСКО. Годишно го посетуваат околу милион посетители.

Од таблата на ѕидот на првата зграда ќе се запознаете со фактот од каде се депортирани и носени луѓето тука. Депортираните, главно, биле носени во логорот во вагони во кои се превезувала стока.
Собите во павилјоните се автентични и во нив може да видите слики од Хитлер. Во нив сè уште може да се почувствува и мирисот на загубените души.
За крвничките постапки на СС, во музејот сведочат изложените предмети на затворениците, кои им биле одземани веднаш штом биле донесувани во логорот - од облека, лични предмети... Може да се забележат чевли со потпетици. Ве наведува на мислата дека тие се надевале дека ги носат накратко, дека брзо ќе се вратат во своите домови. Не може да се опише чувството кога ги гледате илјадниците детски обувки, детската облека - џемпери исплетени со љубов. Навираат само солзи од оваа глетка.
Им давале затвореничка униформа, а на рацете им тетовирале идентификациски затворенички број. Од тој момент, тие не биле личности, туку бројка.

На ѕидовите има и фотографии што ги прикажуваат лицата на мачените деца, жени, мажи. Во очите се отсликани драма, тага, очај, бес... Веројатно, не ни можеле да претпостават каде се донесени, а ги чекал пекол, од кој малкумина се спасиле. Црвената армија го ослободила логорот на 27 јануари 1945 година и тогаш затекла околу 7 000 затвореници, кои биле ослободени. Помеѓу 18 и 27 јануари 1945 година, пак, поради наближувањето на советските трупи, СС евакуирал околу 60 000 затвореници од Аушвиц во други концентрациони логори.
Командантот на логорот, Рудолф Хес, сведочел на Нирнбершкиот процес дека три милиони луѓе умреле во логорите во времето кога тој бил командант или во периодот од 4 мај 1940 до ноември 1943 година. Подоцна ја намалил оваа проценка на околу 1,1 милион, и оваа проценка денес е општо прифатена. Од нив, околу 90% биле Евреи од речиси сите земји во Европа. На табла во логорот може да забележите дека меѓу настраданите, 1,1 милион биле Евреи, помеѓу 140 и 150 илјади меѓу настраданите биле Полјаци, 23 илјади Роми и околу 25 илјади од други националности.

Стигнуваме до зградата каде што биле вршени медицински експерименти од злогласни лекари, кои го ставиле своето знаење во служба на Хитлер. Станува збор за Јозеф Менгеле, Хајнрих Химлер, Карл Клаусберг... Менгеле бил познат како лекар на смртта. Експериментите врз луѓе ги вршел како во Аушвиц така и во други затвори. Бил задолжен за организација на логорите, а во гасни комори пратил околу пола милион луѓе. Химлер, главниот заповедник на нацистичката паравоена организација, СС трупите, и еден од најмоќните луѓе во нацистичка Германија, втор по моќ, зад Адолф Хитлер, во хиерархијата на Нацистичката партија. Химлер ја имал одговорноста за истребувањето на "подлуѓето", кои биле недостојни за живот. Ги стерилизирале жените, мажите ги кастрирале, правеле најразлични експерименти. Најзлогласниот Менгеле, за жал, никогаш не одговарал за своите недела.
Движејќи се, одеднаш се наоѓаме пред, можеби, најстрашната гасна комора, од која човек се ежи при самата помисла што се правело тука. Многумина не влегуваат, не се подготвени за оваа средба, застануваат пред вратата. Само надворешниот ѕид е оригинален, останатото е реконструкција. Затворениците тука биле убивани од плин или циклон Б. И печките се реконструирани. Некои поминуваат набрзина, згрозени од злото што било присутно тука.

Тешко дека може да се подготвите за страшната слика што ги прикажува последните моменти низ кои поминувале илјадници затвореници. Не можете да бидете подготвени за моментот кога ќе видите како со нокти биле гребени ѕидовите додека луѓето умирале. Таа слика создава различни емоции, од тага што не може да се опише до лутина што се јавува кај секој што ќе го види тоа.
На крајот, можеби, најлошо од сè е моментот кога сфаќате дека светот, по ова злосторство, не научил многу. Злосторства врз цивилно население, цели народи се случуваат и денеска низ целиот свет. Останува надежта дека новите генерации ќе научат нешто од ова.

Слаѓана Димишкова
Фото: О. Теофиловски


Текстот е прочитан 1661 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ФОТО ГАЛЕРИИ
„За заедничка Македонија“: Граѓаните маршираат против Тиранската платформа (ФОТО ГАЛЕРИЈА)
Илјадници граѓани веќе 31-ви ден масовно протестираат низ македонскиот гла...
ИЗЛОГ
Сезона
Пишува Лејла САБИТ - Пукна сонце......

"Порше" има профит од 16 000 евра од секое возило
Германскиот производител на спортски автомобили, во просек, има профит од ...
"Ауди" во јули ќе го открие новиот "А8"
Четвртата генерација на суперлимузината на "Ауди" ќе биде претставена на 1...
"Фиат фулбек крос": пикап наменет за младата публика
"Фиат" на Саемот во Женева ја претстави крос-верзијата на својот пикап мод...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter