Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

01.04.2017, 17:55

СКОПЈАНКАТА ИВАНА ЧОЛАКОВСКА И НЕЈЗИНИОТ СОПРУГ МАНУЕЛ ТОРЕС, ПО ИЗВОЗЕНИ 147 ИЛЈАДИ КИЛОМЕТРИ, ДОАЃААТ ВО СКОПЈЕ

4 години живот на мотор

"Неколкупати ги пакував торбите, го земав пасошот и бев подготвена да се качам во авион и да се вратам дома. Скршеницата на ногата и операцијата во тоа изолирано место во Патагонија, Чиле, беше еден момент кога многу луѓе разбраа за нас, но вакво патување е преполно со тешки ситуации, за кои не секогаш раскажуваме. Денеска имаме поминато 55 земји"

Скопјанката Ивана Чолаковска (31), по четири години поминати на мотор низ 6 континенти и извозени 147 илјади километри, денеска се враќа во Скопје. Таа и нејзиниот сопруг Шпанецот Мануел Торес (33), откако на мотор поминаа 55 земји, конечно, патувањето го завршуваат во родниот град на Ивана.
За нејзиното доаѓање планиран е голем пречек на плоштадот "Македонија", во организација на мотоклубот "Вепар" од Скопје и на радио "Бубамара".
Со Ивана контактиравме пред нејзиното тргнување за Скопје, додека беше во Атина, Грција каде што со Мануел ги пакуваа торбите и ги правеа последните подготовки за враќањето дома.
" Јас на ова патување не возев, возеше Ману. Бев само совозач. Решивме да патуваме само со еден мотор, од економски причини, бидејќи да патувавме со два мотора, ќе нè чинеше двојно повеќе, а целиот трошок е исклучиво на наша сметка", искрена е Ивана.
Таа раскажува дека ова моторџиско патешествие низ 6 континенти е нивно самостојно патување, без никаква придружба од тим ниту, пак, некаква финансиска поддршка.
"Цело патување беше на наша сметка, самостојно, а средствата ги заработувавме за време на патувањето, преку пишување статии во различни списанија во Европа и во Америка, и преку презентации и продажба на наши фотографии", објаснува младата моторџика која, покрај страста кон моторите, се занимава и со пишување, а Ману, пак, со фотографирање.
Таа и Ману, со нивниот мотор "јамаха тенере" од 660 кубика, кој е наменет за секаков тип патишта, имале можност во овие четири години да го запознаат светот одблиску, да се запознаат со различни луѓе, култури, начини на живеење, да кампуваат, да планинарат, да ја запознаат природата, но и да се соочат со низа тешкотии кои, како што вели Ивана, се нешто што се случува кога ќе се нафатиш на ваква авантура, кога поради адреналинот минуваш толку голема километража, извозена со мотор.
" Имаше многу разочарувања на кои наидувавме. Секако дека многупати размислував да ставам крај на патувањето. Неколкупати ги пакував торбите, го земав пасошот и бев подготвена да се качам во авион и да се вратам дома. Скршеницата на ногата и операцијата во тоа изолирано место во Патагонија, Чиле, беше еден момент кога многу луѓе разбраа за нас, но вакво патување е преполно со тешки ситуации, за кои не секогаш раскажуваме.
Денеска имаме поминато 55 земји, во некои имавме тешки моменти, кои ќе ги паметиме засекогаш. На планината Памир на минус 20 Целзиусови степени, во Патагонија ветер кој дуваше со 130 километри на час, жештина и дехидрирање во пустината Атакама, патување од еден месец во Боливија, дивиот свет кој нè заобиколува во Африка. Сите овие околности создаваат тешкотии на патувањето, и колку е подолго патувањето толку сме поуморни и носталгични за враќање дома. Но што би било патување без тешкотии? Во тешките моменти мораш да воздивнеш, да се релаксираш и да не дозволиш да се откажеш. Да се потсетиш зашто го правиш она што го правиш", раскажува Чолаковска.
Вели дека за време на ова патување можела да се запознае подобро самата себеси и да научи многу за себе и за идните плановите кои сака да ги реализира во живот. "Никојпат не сум добра за планирање. Иако секој ден ми е сè појасно дека ќе биде многу тешко сега да му се вратам на класичниот живот. Мислам дека фотографирањето и патувањето останува мој сон и за во иднина", додава Ивана. Од четири годишното патешествие имаат многу документиран материјал и фотографии. Вели дека уште од првиот ден го документирале на најдобар начин патувањето.
"Преку фотографии, видео и запишан материјал каде што се забележани сите моменти кои ги живееме, места што ги посетуваме и впечатоци. Моменти кои нè учат како да го разбереме светот во кој живееме и кои ни покажуваат колку сме се промениле за овој период. Ќе видиме на крај што ќе направиме со целиот материјал, дали ќе се претвори во книга која ќе биде најчитана, или ќе останат листови хартија кои ќе ги прелистуваме кога ќе остариме, и ќе нè потсетуваат на тоа како среќно сме го живееле животот. Не очекуваме ништо сега-засега, но продолжуваме секојдневно да го документираме патувањето", објаснува скопјанката, која на мотор мина 55 земји во светот.
Ја прашавме Ивана како се тргнува на толку долг пат со мотор. Вели дека правила нема. Едноставно се потребни желба и мотивација за да успее еден ваков подвиг. "Според нашето искуство, не е важен ни моторот, ни неговата големина, ни марката, но многу е важна опремата со која ќе седнеш на мотор. Важни се заштитите за рацете, нозете, за грбот и, секако, кацигата за на глава. Доколку си љубител на мотор, не треба да штедиш пари и да се мислиш за опремата. Таа е најважна. Некогаш баш тоа може да ти го спаси животот", вели Ивана.
Возбудени се и таа и нејзиниот сопруг Ману за доаѓањето во Скопје. Раскажува дека чувствата $ се измешани. Пресреќна што, конечно, по 4 години, ќе се види со семејството, зашто ова за неа е првпат толку долго да биде далеку од дома. "Семејството, пријателите и храната, секако", додава таа.
"Среќна сум и со душа го чекам моментот да ги изгушкам сите силно. Но покрај нив, исто така сум возбудена поради тоа што се подготвува голема забава и пречек, кога ќе имам можност да ги запознаам лично многумина од оние што ни беа верни за време на целото наше патешествие и неè следеа на социјалните мрежи, ни даваа морална поддршка и ставаа слики на нашата фејсбук-страница Араунд Гаја, и на нашиот инстаграм-профил, а тука беа и коментарите и пофални зборови, кои во тешките моменти ни значеа многу и ни даваа сила да не се откажеме", вели Ивана.
Таа додава дека од ова патување има една специјална порака - прави го она што те прави среќен во моментот, и доколку е тешко или ти се чини невозможно, труди се се додека ти се оствари. "Пред 4 години мојот сон беше да патувам околу светот со мотор, патување на кое денеска речиси му се гледа крајот".
По пристигнувањето за Скопје, сепак, сопружниците планираат со мотор да си заминат за Шпанија, од каде што е Ману.
"Јас и мојот сопруг сме од различни земји и имаме два почетока и два краја на патувањето. По Македонија, секако дека ќе тргнеме за Шпанија каде што и официјално завршува патувањето со мотор. За во иднина ќе продолжиме со патување, но за тоа имаме некои други идеи и планови", завршува Ивана.

Александра Георгиев




























































Текстот е прочитан 14754 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

Масовен марш и денеска „За заедничка Македонија“: Остануваме на улиците колку што е потребно! (ФОТО)
Сибир се стопи (Жешко фото)
Околу 1.500 вљубеници во зимските спортови во оскудна облека се собраа на ...
ИЗЛОГ
Поглед
Пишува: Лејла САБИТ - Погледот, велат, е душата на човекот......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter