Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

08.04.2017, 08:06

ИНТЕРВЈУ ВЕРА КАЛИН, НАЈЧИТАН АВТОР ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2016 ГОДИНА

Создавај уметност и продавај ја

За деби романот "Бездомникот со златен часовник", Вера Калин, на 23 години го доби признанието од НУБ "Свети Климент Охридски", најчитан автор во Македонија за 2016 година. Романот, во издание на "Матица македонска", веќе има и бугарски превод, се преговара за германско издание, а неодамна излезе и четвртиот тираж.

Калин ги има добиено наградите за расказ на "Нова Македонија " во 2013 и "Живко Чинго" во 2014 година, а лани, исто за "Матица", ја издаде збирката раскази "Ловци на светулки".
Неколку дена по дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје и 23. роденден, со Калин разговаравме за инспирацијата, за студиите на вториот факултет - книжевност , за Сеул , за конкуренцијата и за соништата.

* Верче, "Бездомникот со златен часовник" се чита во еден здив. Според реакциите, книгата ти е занаетски, школски точно напишана. Како научи да пишуваш роман?

- Покрај тоа што читам многу книги од сите жанрови, читав книги за тоа како се пишува книга.Тргнав од тие за тоа како се пишува сценарио, бидејќи сакав да биде повизуелна. Сметав на тоа дека луѓето сакаат да гледаат филмови и сакав да ги нема тие одолжувања што знае да ги има во романите. Само ги одредив маркерите кои треба да ги има доколку би било сценарио, и околу нив ја создавав приказната.
Се навраќав многу за да ја поправам, тоа ми беше прва книга, и тешко ми беше да ги најдам тие маркери, каде се или, пак, кој настан да биде пресвртен момент. Оттогаш до денес се останати само 10 проценти од првата верзија,

*Се консултираше ли со некого додека работеше?

Ја почнав на 16 години, и никој не сакаше ни да ми ја чепне да ми ја прочита. Сите мислеа дека се шегувам, дека не сум сериозна. Ни моите дома не ми веруваа, мислеа дека ми е уште еден мој каприц и оти со тек на време ќе го оставам настрана.
Кога ја добив наградата за расказот од "Нова Македонија", почнаа да ме сфаќаат сериозно. Тоа и ми беше целта, да добијам награда, инаку луѓето ќе мислеа што ли може да напише 20-годишно девојче.

*Потоа, како стигна до издавачот?

Уште на старт сакав да ја издадам за "Матица македонска", и верував дека ќе биде продавана и рекламирана. Им испратив и-мејл, но беа зафатени околу Саемот на книга и не стигнаа да ми одговорат. Отидов лично, и прифатија да ја објават.

*Без да ја прочитаат?

Да, го видоа трејлерот, им ја раскажав накратко приказната, потпишав преддоговор и аплициравме на конкурсот на Министерството за култура. Поминаа еден, два месеца, оттаму ме одбија , но во меѓувреме, во "Матица" ја прочитаа и ми се јавија дека, секако, ќе ја издадат.
За два месеца се распродаде првиот тираж, набрзо потоа и вториот.

* Како ги привлекуваш читателите, лице в лице или преку Фејсбук?

Често одам во книжарниците, и редовно сум дел од промоции, саеми, потпишувања книги и од разни други настани.
Јас пишувам за постара читателска публика, а тие не се толку активни на социјалните мрежи.
Ми беше страв дека сега има голем наплив на фејсбук-писатели. Мислам дека публиката веќе почнува да те суди дека пишуваш на одредена тема ако си нонстоп присутен на Фејсбук. Има автори кои цитатите од социјалните мрежи ги собираат во книги, некои, пак, издаваат романи кои се вртат само околу љубов и чувства. Јас пишувам за чувства, но на различен начин. Сакам да раскажувам животи, а цела приказна не може да се долови преку еден цитат на Фејсбук.
На фејсбук-страницата имам 3-4 илјади лајкови, а имам четири тиражи. Некои автори имаат по 70 000 лајкови, а две изданија.
Лајковите не се мерило за тоа која е читателската публика. Лајковите се помодарство. Имам следбеници и на приватниот профил, но тоа е ветер во магла. Тоа не се реални читатели.

* И кај тебе, и кај ликот на бездомникот Коста забележувам голем оптимизам. Од каде таа позитивност?

Мое мото е оти ако веруваш дека животот е убав, ако си среќен, сe ќе ти биде убаво. Мене досега сe ми оди од рака. Но тоа е така затоа што мислам дека луѓето се добри, ако реално ми треба помош, ја барам и луѓето ми излегуваат во пресрет. И кога имаш собрано позитивно искуство од луѓето околу тебе, многу е лесно да си оптимист.
За ликот на Коста, на почетокот не знаев дека ќе биде оптимист. Бидејќи ми беше прва книга, не правев биографии на ликови, а тоа ми беше најголем проблем. Така, гледам пропуст од тој аспект, мислам дека ќе беше уште подобра да имав направено биографија. Јас, пак, ги имав настаните, и размислував како би реагирал ликот, и според тоа ја создавав неговата биографија. Малку наопаку, но во целиот хаос сe се склопи.

* Во книгата пишуваш за Скопје во 2027 година. Но тоа Скопје со ова денес не е различно, а тоа не е баш оптимистички.

- Кога ја почнав книгата во 2011 година, решив времето да го лоцирам во блиска иднина, но не знаев дека толку ќе трае кризата.
Јас мислам дека ништо нема да се смени. Ако се вратиме десет години наназад, освен технологијата, ништо не е сменето. Поради менталитетот на луѓето и кризата во која сме, и во иднина не може да настанат промени.

*Последните книжевни награди ги добиваат млади автори. Дури и повозрасните книжевници признаваат дека кај постарата генерација сe уште преовладуваат теми за македонскиот бит. Дали ни треба осовременување на мислата?

Нам ни фалат жанрови. Мислам дека тоа е така затоа што кај нас има или чисто комерцијални писатели или оние што сакаат да бидат уметници. Овие вториве не сакаат да ги нудат нивните книги затоа што мислат дека тоа ќе ја уништи нивната уметност. Според мене, треба да се најде некоја средина, бидејќи кога веќе создаваш некоја уметност, земи продавај ја. Затоа што има некои што пишуваат полошо од тебе, а се продавани затоа што се порекламирани.
Ние во книжевноста немаме хорор ниту трилер. Кај Живко Чинго и кај Петре М. Андреевски има повеќе приказна отколку кај денешниве писатели.
Денес сите се вртат кон постомдернизмот, а јас не сум фан на тој правец, јас сакам чиста приказна.

* Ти каде се вбројуваш ?

Мене многу лесно ќе ме сместеа во класата на комерцијални автори, такво чувство имам од целата ситуација, ако ги немав земено наградите.
Јас знам дека мал број од повозрасните писатели ми ја имаат прочитано книгата.
За сe има публика. Проблемот кај македонските автори, па и кај колегите од соседството е што се комерцијални, ама не раскажуваат приказни.
Луѓето одат на безбедно, едни сакаат да создадат нешто ново, а другиве што сакаат да пишуваат комерцијално, гледаат што успева на Фејсбук, и тоа го пишуваат. Верувам дека ги пишуваат приказните кои сакаат да ги раскажат, но понекогаш поедноставното е поубаво.

* Зошто мислиш дека возрасните писатели не те читаат?

Затоа што мислам дека имаат одбивност кон тоа дека ми е популарна книгата и сметаат , не знам што сметаат. Од друга страна, јас читам сe што се објавува, бидејќи ме интересира што се издава.

*Мислиш им пречи што имаш 23 години ?

Не е само тоа, општо речено, мал број си ги читаат книгите. Постои некое мислење дека ние сме си конкуренција, а нема врска. Јас не гледам на нив како конкуренција. Не можеш да имаш конкуренција во книжевност, има читатели за сите. Мислам дека конкретно така може да се постигне поголема читаност на македонските автори.
Ако ме прочитале мене и сум им се допаднала, ќе земат друг домашен автор. Тоа е мислење кое никој не го кажува, но сите си го мислат. Тоа го гледам по однесувањето.
За наградата од НУБ ми честитаа, генерално, авторите од мојата издавачка куќа. А тоа, искрено, ми пречеше, затоа што кога ќе видам дека некој нешто добил, прва честитам, споделувам , убаво е сите да видат.
Но имало ситуации со луѓе со кои сум седела на кафе и не ми кажале ни збор, и не беше пријатно чувството.

*За новава книга, дали си даваш рок до кога да биде готова?

Си давам рок, бидејќи не знам да работам без рокови. Влечка сум и трошам време на размислување, на пример, каква ќе ми биде промоцијата.
Сакавме да биде до крајот на годинава, но ќе видиме. Не сакам да ја брзам, бидејќи сакам да е подобра од првата. Темата е табу, решив или да ризикувам или да не правам ништо.
Ако не ризикувам, ќе останам на истиот успех, на некое статус кво. Ако не излезе до есен, ќе биде в година, бидејќи планирам да патувам во Сеул, Кореја.

* Што би им порачала на младите генерации?

Да бидат упорни и самокритични. Кај нас недостига самокритика. Ако веќе еднаш успеат, на пример, на Фејсбук, стануваат полни со себе и мислат сe ќе им се продава.
Но не е така, секое дело си е за себе. На секој проект треба да работиш како да е прв. Да не стануваат мрзливи по првиот успех.

Билјана Нестороска
Фото: Д. Перковски


Текстот е прочитан 1421 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

56-ти ден „За заедничка Македонија“: Да ја зачуваме нашата земја, во име на заветот на нашите предци (ФОТО)
Веќе 56 дена како граѓаните на Македонија го изразуваат својот револт пора...
Принцезата од Тајланд во посета на Македонија (Фото)
Принцезата од Тајланд, Маха Чакри Сириндорн, на покана на сопругата на пре...
ИЗЛОГ
Брод
Пишува Лејла САБИТ - Има најубав поглед на свет......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter