Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

05.02.2017, 18:23

МАНЕКЕНКАТА АНГЕЛИНА БЛАЖЕСКА СО НАЈЛУДАТА ЕКИПА ОД МАКЕДОНИЈА СКИЈАШЕ НА ФРАНЦУСКИТЕ АЛПИ

Во Вал Торенс поинаку се доживуваат зимските спортови

Веќе петта сезона скијам слободен стил и оваа сезона му се посветувам на скијањето по длабок снег или популарно по "пудра". Пред две години, дури имав и обиди за совладување трикови во сноупарк, вели атрактивната манекенка

Манекенката Ангелина Блажеска (23) е неуморен трагач по нови искуства, зависник од патувања, скијање, вежбање и од Инстаграм. Родена е во Охрид, живее во Скопје, по образование дипломиран машински инженер. Во модната агенција "Подиум" е веќе 6 години. Скија од 10 години, а оттогаш само една зимска сезона има пропуштено да се качи на скии.
"Да не е скијањето, ќе немам на што да се радувам во зима, бидејќи, инаку, сум многу зиморлива. Научив да скијам во Крушево и засекогаш ќе ми останат спомените од прекрасната природа таму. Одамна не сум била таму на скијање, бидејќи како што се усовршував низ годините, Крушево не ми претставуваше предизвик како скијач, но за почетник-скијач беше совршено место. Искрено, не сум сигурна ни дали сè уште функционира скијачкиот центар, вели Ангелина.
До пред неколку години, скијањето и беше бегство со најблиските од градот, забава и релаксирање со пошироката фамилија и со пријателите.
"Но пред некоја година, ми здодеа "обичното" скијање, па почнав малку повеќе да истражувам за стиловите на скијање и полека да откривам кој е стилот што најмногу ми одговара. Одеднаш опасноста ми стана предизвик, се ослободив од стравот и почнав повеќе да експериментирам. Веќе петта сезона скијам слободен стил и оваа сезона му се посветувам на скијањето по длабок снег или популарно по "пудра". Пред две години, дури имав и обиди за совладување трикови во сноупарк, вели атрактивната манекенка.
Најчесто одела на скијање во Банско, Бугарија, сè додека не се заљубила во француските Алпи.



" Сега мислам дека нема да помине сезона без да ги посетам. Од нашите скијачки центри, фаворит ми е Попова Шапка. Нестрплива сум да одам и на Брезовица, другата страна на Шар Планина, но никако да излезе прилика или друштво за таму, вели Блажеска.
Неодамна се врати од познатиот зимски центар Вал Торенс на француските Алпи. Сезонава го прогласиле за најдобар скијачки центар во светот, поради беспрекорната организација, скијачките капацитети и многу забава.
"Бев со "најлудата" екипа од Македонија, случајно се погодивме така најјаки и си поминавме незаборавни моменти и уште не вратени во Македонија, почнавме да кроиме планови за наредната сезона. Бевме два автобуса, главно Македонци, но таму се дружевме и со соседите. Голема благодарност до целата организација, особено до Бојана од "Пол пипл" за тоа што нè собра сите на едно место. Многу се радувам што сè повеќе млади луѓе се навлекуваат на убавините на француските Алпи и секоја наредна сезона има сè повеќе подготвени и заинтересирани за екстремното скијање, раскажува Ангелина.
Зошто на француските Алпи?
- Има сè! Буквално. Од патеки за почетници до најекстремно стрмни патеки на кои се одржуваат трки. Само во Вал Торенс има 3 глечери на висина од над 3.000 метри. Целата природа таму е надреална, воздухот е прекрасен, забавата е неизбежна. Секој може да се пронајде таму, од најмлад до најстар, од почетник до професионалец. Активности, секако, има и за тие што не скијаат или бордаат - планинарење, санкање со моторни санки или влечење со кучиња, летање со параглајдер, нуркање под мраз, па дури и тркање со автомобили на снег. Насекаде има ресторани, со превкусни француски деликатеси, вина и десерти. За забавата да не почнувам, од бачила со опуштувачка музика за сончање до најпознатата дискотека "Ла Фолие Доуце", каде што ве прскаат со шампањ. Целосно поинакво доживување на зимата и на зимските спортови, открива манекенката.
Турата била 7 дена, со вкупно 6 дена скијање.
"Но пред тоа, неопходна е соодветна подготовка за скијањето, која не е само пакување на сето она што е потребно во поглед на скијачката опрема. Бидејќи бев решена да скијам поекстремно годинава, пред скијањето посветив неколку тренинзи на издржливоста и на зацврстувањето на нозете. За на Алпите, задолжително мора да се обрне внимание и на безбедноста. Исправна опрема и кацига се задолжителни! Исто така, за документација на најубавите моменти, тука е и гопро камерата. Патот дотаму е долг, но со вистинските луѓе брзо поминува, па така, откога се сместивме, веќе наредниот ден бевме подготвени за скијање. Времето ни се погоди сончево 3 од 6 дена, а бевме меѓу 7 и 14 јануари. Секој ден станувавме рано, бидејќи патеките се најубави наутро, но, секако, останувавме до крај. Вториот ден заврна свеж снег, па му се изнарадувавме на скијањето по длабок снег. По скијањето, се релаксиравме или во спа или со партија асоцијации. Секоја вечер беше неизбежна дружбата со пиво, вино и со по некоја ракија. Бидејќи патувавме на Божик, кршевме и лепче со паричка, а славевме дури и два родендена. Навистина незаборавно искуство беше целото патување, вели Ангелина.
Зимските спортови и помагаат за одржување на топ-фигурата како модел.
"Со оглед на тоа што постојано сум активна преку целата година и сум тотално зависна од секакви спортски активности кога воздухот е колку-толку чист, скијањето ми доаѓа како кец на десетка кога сум најмрзлива во зима и се затворам дома. Да не е скијањето, мислам дека ќе ме изеде грижата на совеста додека трае зимската обиколка по слави, ја заврши зимската приказна Блажеска.

Л. Сабит


Текстот е прочитан 1466 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

ФОТО ГАЛЕРИИ
„За заедничка Македонија“: Граѓаните маршираат против Тиранската платформа (ФОТО ГАЛЕРИЈА)
Илјадници граѓани веќе 31-ви ден масовно протестираат низ македонскиот гла...
ИЗЛОГ
Сезона
Пишува Лејла САБИТ - Пукна сонце......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter