Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

15.12.2016, 13:01

ВОДЕЧКИОТ ЕВРОПСКИ РЕЖИСЕР ГАЛИН СТОЕВ ВО МНТ ЈА ПОСТАВУВА "ТАРТИФ" ОД МОЛИЕР

Нема невини во лицемерството

Бугарскиот режисер Галин Стоев, едно од големите имиња на европскиот театар и еден од брендовите на бугарскиот театар, деновиве во Скопје ги привршува пробите за претставата "Тартиф".

Стоев, кој 15 години живее во Белгија и во Франција, во Македонскиот народен театар го работи текстот на Молиер, со 12 глумци и со осум студенти, а премиерата е закажана за вторник.
Во светски познатиот театар"Комеди франсез" или Театарот на Молиер, Стоев работи од 2007 година, поставил повеќе автори, а во 2014 година и "Тартиф".
"Кога првпат почнав да работам во 'Комеди франсез', многу сакав да го поставам Чехов. Но тогашната директорка на театарот ми рече: 'Не ни треба уште еден режисер од Источна Европа да ни покажува како се работи Чехов. Мене ме интересира како некој од странство ги чита нашите автори и да ни ги раскаже на поразличен начин'. Така ме натераа да работам француска класика.
Немав многу искуство на таа тема и не ја познавав добро. Во Франција, пак, да работиш нивна класика, а да не си Французин, е навистина нешто посебно.
Работев повеќе дела, и во 2014 година ја поставив 'Тартиф', која се играше до август годинава", ни раскажа режисерот.
Кога директорот на МНТ Дејан Пројковски го поканил да работи во Скопје, разговарале да се постави класично дело, но текстот да биде популарен. По аудицијата, било одлучено да се постави "Тартиф".
"Не сакав да биде истата претстава како во Париз. И не може да биде. Мојот начин на работа е врзан со самата природа на глумците, со нивните карактери.
'Тартиф' е пиеса во стих, која сите ја знаеме од училиште. Поради клишеата кои ги имаме за овој текст, често ги испуштаме двата елемента кои се важни за ова дело.
Тоа се две основни човечки енергии, едната е желбата на човекот да се пренесе на некое повисоко ниво и другата е сексуалната енергија.



Молиер ги зема тие два елемента, ги спојува, настанува експлозија, која на моменти е смешна, страшна, па трагична, дури опасна", објаснува Стоев.
Така, вели, дека почнале да раскажуваат една приказна за лицемерството каде што Тартиф не е единствен лицемер. Тој додава дека лицемерството се јавува онаму каде што се појавува празен простор, и добива шанса да дејствува.
"Да, Тартиф е лицемер, лажго, измамник, но тоа се случува затоа што целото семејство го прима во својата куќа. Во таа смисла, никој не е невин во таа историја. Сите се лицемери на некој начин. Всушност, Тартиф е огледало на секој од нив. Во една таква средина, во семејство во кое има криза и голем вакуум во односите, во таа црна дупка се раѓа едно туѓо суштество - Тартиф, и почнува да живее со нив.
Сите ние сме соучесници во тоа лицемерство. Да, многу е лесно да кажеме дека Тартиф е лош, но длабоко во нас знаеме дека е тој таков затоа што и ние така функционираме. Ме интересираше можноста да се препознаеме во тоа лицемерство, и тоа сакав да го споделам", ни рече режисерот.
Во претставата играат: Драган Спасов - Дац, Ѓорѓи Јолевски, Даница Георгиевска, Владимир Јачев, Тања Кочовска, Дарја Ризова, Оливер Митковски, Катина Иванова, Никола Ацески, Александар Микиќ и Кире Ѓоревски.
Сценографијата е на Венелин Шурелов, а костимите на Елица Георгиева, двајцата од Бугарија, а музиката на Белгиецот Саша Карлсон.
По Скопје, Стоев ќе замине празниците да ги помине во Бугарија, а оттаму во Париз. Вели дека за следната година ќе работи неколку проекти во Франција и во Италија, а се договорил и за соработка со скопскиот Драмски театар.

Б.Нестороска
Фото: Д.Перковски

Скопската "Антигона" ме промени како режисер

Стоев во Македонија доаѓа по 15 години, а на публиката $ е познат по претставата "Антигона ин Техноленд", која ја постави во театарот Центар - МНТ во 1999 година.
"Таа претстава ја направивме за месец и половина. Беше август, со температура од 45 степени, имаше и затемнување на Сонцето, а на Косово се случуваше војна, се слушаа бомбардирањата. Во сиот тој хаос, ние собрани, млади уметници, во старата зграда ја работиме 'Антигона'. Ја спакуваме и заминавме на фестивал во Западен Берлин каде што нè пречека друга планета. Тоа ми беше еден од првите моменти кога сфатив дека има паралелни реалности. Многу ме погоди, многу научив, и сметам дека влијаеше понатаму во развојот на мојот ракопис. Мислам дека тоа ми е една од најдобрите претстави", истакнува режисерот.



Дивата енергија на македонските глумци инспирира

За работата во "Комеди франсез", Стоев вели дека француските актери многу се држат до традицијата, особено кога се работи за текст напишан во стих. Можеби се слободни во мислењата за многу нешта, но за ова тема се категорични.
"Тие имаат големи стереотипи, па ми требаше време да ги сфатам, за да можам потоа да ги рушам, за да добијам отворена мисла што ми е потребна за публиката.
Франција има голема и богата историја, па некогаш станува тешка, што почнува да биде товар.
На Балканов, глумците потешко го учат текстот, но едноставно, таков ни е менталитетот, опуштен. Но креативната енергија е многу подива, побесна, поинтересна и повеќе инспирира.
Кога ќе се запалат, многу брзо можат да прескокнат неколку нивоа и да отидат во друг правец, оној кој го барам. Тоа што го сработив во МНТ за два месеца, во Париз ќе го работев повеќе од шест месеци.
Затоа за мене е предизвик да го работам 'Тартиф' во Скопје, после Париз. Да ја ставам традицијата во опозиција и видам дека и во двата контекста текстот функционира одлично. Затоа се чувствувам како Алиса зад огледалото", истакнува режисерот.


Текстот е прочитан 1293 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

Граѓаните бараат избори за излез од кризата - 57-ми ден протести на „За заедничка Македонија“ (Фотогалерија)
Граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА денеска по 57-ми пат од пр...
ИЗЛОГ
Брод
Пишува Лејла САБИТ - Има најубав поглед на свет......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter